Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми и членовите на Комисијата, остварија средба со Делегација на Пратеничката група на Парламентот на Република Австрија за соработка со Собранието на Република Македонија, предводена од Штефани Криспер.
На почетокот од средбата, Адеми ја оцени Австрија како пријателска земја, која ни дава поддршка во тешки моменти, како што прават вистинските пријатели. Тој ги запозна гостите со тоа дека Комисијата за европски прашања работи со закони со европски знаменца, дека се вршат усогласувања на нашето со европското законодавство и дека моментално главно прашање се уставните измени. Притоа потсети на потешкотиите со кои се соочи земјата во минатото, како спорови, проблеми, сензитивни прашања, за кои беше принудена да прифати тешки решенија. Информира дека Работната група за подготвување предлог-иницијатива за уставните измени е веќе формирана, надвор од Собранието и потоа ќе се достави до Собранието.
Шефицата на гостинската делегација, Криспер, ја истакна австриската поддршка на патот кон ЕУ и изрази разбирање за тешкотиите кои ги надмина земјата со промената на името поради спорот со Грција и сега со Бугарија.
-За да се има напредок, мора да има реформи. Со корупција се попречува функционирањето на демократските институции, а тие се потребни за доближување до ЕУ, рече Криспер.
Во продолжение пројави интерес за тоа кои реформи се спроведени, како и за тоа кои закони одат или не под европско знаменце, посебно за прашања коишто не се значајни за ЕУ.
Следуваа спротивставени мислења на членовите на Комисијата од владејачките партии и опозицијата, со конкретни примери во однос на употребата, односно злоупотребата на европското знаменце, носењето закони по скратена постапка, за актуелните закони за коридорите 8 и 10д, како и уставните измени.
Притоа, беше посочено дека европската интеграција подразбира реформска агенда, имплементирање на европските вредности дома. Потребна е дебата, но и да не се злоупотребува истата, да не се злоупотребуваат и европските знаменца, партиските и лични интереси да не се ставаат пред државните. Сите партии да бидат одговорни за да ја исполнат целта – влез во ЕУ, заеднички набљудувајќи ги прашањата, развивајќи ја културата на заедништво, поодговорно однесување, водено од интересите на граѓаните.
На крај, беше заклучено дека искрената дебата на средбата е само знак за доверливиот однос меѓу двете страни, кој ќе се наградува и во иднина.