Лоцирани и приведени се извршителите на грозоморниот чин, а на прес – конференции и преку соопштенија јавноста е известена за сите преземени мерки од институциите за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на забелешките од опозицијата дека доцни истрагата. Рече дека не сака да навлегува во коментари кои се однесуваат на работата на институциите, но не штедеше зборови за однесувањето на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
„Што се однесува до коментарите на лидерот на опозицијата тој во многу случаи се има поставено и како истражител и како обвинител и така натаму. Нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави, меѓутоа прикривање на докази, за кои вели дека ги има, е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството. Бидејќи се работи за еден грозоморен чин кој што е направен од нелуѓе, кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“, рече денес премиерот Ковачевски по презентацијата на нова лабораториска опрема на Фармацевтскиот факултет.
ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски ја обвинија власта дека се направени низа пропусти во истрагата за убиствата на Палевски и побараа објаснување зошто веднаш МВР не тргнала во потрага по возилото на убиениот Панче туку истрагата е водена бавно и со пропусти.