Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека фрлил доволно лопати за време на двегодишниот мандат, во време на најголема светска криза, во одговор за новинарско прашање.
„Во време на најкризната година, 2023 година имаме двојно поголеми директни странски инвестиции од 2016 година. Двојно повеќе од некои што работеле во време кога немало никаква криза“, кажа Ковачевски.
Во однос на прес-конференцијата на ССМ за Работничкиот дом кој со одлука на Врховниот суд е одземен од работниците и е даден на државата, премиерот рече дека е стопроцентно на страната на работниците и на ССМ.
„Јас сум член на Синдикатот од 1999 година и сум стопроцентно на страната на ССМ, на страната на работниците. Да живее синдикатот, да живеат работниците и работниот народ на Република Северна Македонија“, кажа Ковачевски и додаде дека за таа одлука треба да се прашаат оние кои ја донеле, а тоа е Судот.
„Никогаш не коментирам судски одлуки, меѓутоа јас сум на страната на ССМ, да им се врати Работничкиот дом“, додаде премиерот.
Во однос на предлозите за министри за техничката влада, Ковачевски кажа дека СДСМ веќе ги објавиле нивните предлози со одлука на Централниот одбор на партијата.
За средбите меѓу претставници на СДСМ и на партијата на косовскиот премиер, Ковачевски рече дека тие се сестрински партии и комуникацијата којашто ја имаат е на ниво на Партијата на европски социјалисти.
„Партијата на премиерот на Косово, Албин Курти и СДСМ се сестрински партии во рамки на Партијата на европски социјалисти, комуникацијата којашто ја имаме е на ниво на Партијата на европски социјалисти. Во тој капацитет беше и средбата што се одржа во Приштина, помеѓу генералните секретари на партиите и секретарите за меѓународна соработка“, одговори премиерот Ковачевски на новинарско прашање.