Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска се сретна со пензионерите од Здружението на пензионери во Куманово. На средбата се разговараше за се она што Владата предводена од СДСМ го реализираше во изминатите години за пензионерите, зголемувањето на пензиите, новата методологија, финансиската помош, како и за политиките и мерките за поддршка на пензионерите планирани во новата изборна програма на партијата.
По средбата, Ковачевски истакна дека покажале дека кон највозрасната категорија граѓани се однесувале со грижа, и дека се грижат за квалитетот на животот.
„Успеавме да воведеме законска методлогија со која пензиите се усогласуваат два пати во годината, септември и март и тоа 50% со трошоците за живот и 50% со просечната плата. На овој начин растот на пензиите нема да зависи од ничија политичка волја или од политичките случувања во државата. Со оваа Методологија, пензиите во една календарска година пораснаа над 20%. Во однос на 2016 година, денес просечната пензија е повисока за 6.400 денари, изнесува 20.200 денари, а за време на претходната Влада, просечната пензија изнесуваше 13.700 денари.
Минималната пензија е исто така зголемена за над 4.000 денари. Денес минималната пензија изнесува 13.000 денари, во споредба со 8.000 денари колку што изнесуваше во 2016 година“, кажа тој.
Пензионерите, според него, беа опфатени и со последниот 9-ти пакет антикризни мерки каде се издвоија 35 милиони евра за поддршка на 187.000 пензионери во државата.
„Ќе успееме да овозможиме сите пенизонери да се над прагот на сиромаштија. Можеме да најдеме решение за секој проблем, предизвик, бидејќи ги слушаме барањата на граѓаните, здруженијата, бидејќи нашата партија секогаш има отворени врати за оние со идеи и решенија како и за нови предлози кои доаѓаат од здруженијата на пензионери“, додава тој.