Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати на отворањето на Талинскиот дигитален самит 2023 во Естонија.
„Ние сме мала земја, малку можеби поголема од Естонија, но ние сме и предводници во регионот во сегментот на телекомуникацијата и поврзувањето. Многу брзо по нашата независност, беше имплементиран телекомуникацискиот план за дигитализација на инфраструктурата што нас нѐ направи практично првата земја во регионот која прва ги замени аналогните системи со дигитални системи и ја оствари реалноста на дигиталната визија“, рече Ковачевски.
Многу важно за регионот, како што рече Ковачевски, е што преземајќи ја обврската од Дигиталниот самит на Западен Балкан во 2018, ние заедно со земјите од регионот го укинавме роамингот за нашите граѓани, правејќи чекор напред во приближувањето кон Европската Унија.
„Во Северна Македонија во моментов 83% од домаќинствата имаат пристап до широкопојасен интернет, а 91% од компаниите користат различна технологија, како и широкопојасен интернет. Употребата на електронски услуги бара активен и интензивен ангажман за да се обезбеди европско ниво што е можно поскоро, а тоа го поставивме како приоритет во планот за дигитална трансформација наречен Дигитална Ера, како и во Националниот план за широкопојасен интернет со кој треба да се елиминираат т.н. бели зони и да се обезбеди ултрабрз интернет до оние семејства на кои им е потребен бидејќи земјата е покриена со оптика во домовите3, посочи премиерот.
Според него, дигитализацијата како процес е одлика на демократски, отворени и транспарентни општества. Таа не само што обезбедува подобра и побрза услуга за граѓаните, влијае и на намалувањето на корупцијата која што игра сериозна улога во контекст на продолжување на нашиот европски пат и интеграција и посветеноста на зајакнување на владеењето на правото со што го подобруваме и општеството.
„Јас сум убеден дека дигитализацијата на судниците и обвинителството ќе помогне во реформирањето на правосудството, ќе ја намали корупцијата и ќе го подобри владеењето на правото за граѓаните. Во поглавјата за слобода на движење на стоки и работници, ќе обезбеди можности кои сега ги ограничуваат нашите граѓани да учествуваат во единствениот пазар. Дигитализацијата е нашата најсилна алатка за забрзувањето на нашето пристапување во Европската Унија и затоа е наш фокус и се наоѓа високо на владината агенда“, рече Ковачевски.
Владата, како што истакна, активно работи на прилагодување на нашите закони за сајбер безбедност со стандардите на ЕУ и одблизу работи со нашите НАТО сојузници на оперативно ниво на зајакнување на отпорноста на нашето општество и институциите.
„Сето ова е потврда дека дигиталната ера не се случува преку ноќ. Нашата определба за неа датира од 1991. Денес со право можеме да кажеме дека ги имаме сите услови за дигитална трансформација. Имаме мрежа, имаме системи и со сигурен чекор без одлагање како во некои други времиња ги имплементираме сите процеси и се приближуваме кон европските вредности и начин на живот. Токму затоа и веруваме дека членството во ЕУ до 2030 година е остварлива и реална цел“, посочи Ковачевски.