Во паркот „Шопен“ денес се одржа традиционалната манифестација „Коријада“, организирана од Здружението на пензионери на Општина Кисела Вода.
На штандовите, посетителите имаа можност да купат бели печива, подготвени лично од членовите на здружението. Средствата собрани од продажбата оваа година ќе бидат наменети за семејствата на настраданите и повредените од трагичниот настан во Кочани.
Покрај продажбата на печива, настанот беше збогатен со културно-уметничка програма. Настапија играорни групи, пејачи од Здружението, како и хорот „Вања Лазарова“.
„Горди сме на нашите пензионери кои и покрај годините, со неисцрпна енергија, ентузијазам и хуманост го збогатуваат општествениот живот во Кисела Вода. “Коријадата” не е само манифестација на традиционална кујна, туку и симбол на солидарност, култура и човечност. Општина Кисела Вода и понатаму ќе стои цврсто зад ваквите иницијативи, кои не само што негуваат вредности, туку и оставаат вистинска трага во животите на луѓето“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.