Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 20092019, д-р Ѓорге Иванов, заедно со Иванов школа за лидери – Алумни асоцијација (ИСЛАА) и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, го објавува следниот
КОНКУРС
за учество на Меѓународна обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019,
7-19 октомври 2023 година
14. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ
„Образование – Трансформација – Лидерство“
Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 13 обуки, учествуваа над 500 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред тринаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 300 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира во периодот 7-19 октомври 2023 година. Во првиот дел, од 7-10 октомври 2023 година, предавањата ќе се одржуваат онлајн, со активности предвидени за време на викенд и за време на работните денови во тој период по 18:00 часот. Вториот дел, од 11-19 октомври 2023 година, ќе биде со целодневна програма и ќе се одржи во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид.
Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, со нивно интерактивно вклучување на предавањата.
Програмата се одвива на англиски јазик.
Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат следниве услови:
– Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
– Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5 (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
– Магистратура или докторат и работно искуство ќе се сметаат за предност.
Потребни документи за aпликација (електронска копија): – Биографија,
– Уверение за положени испити/Диплома, и
– Две препораки од вашата организација, компанија или факултет, и
– Есеј на општата тема на 14-тата Школа за млади лидери, „Образование – Трансформација – Лидерство“ (свое толкување и размислувања за темата, до 800 зборови, на англиски)
–
Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на апликантите.
Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 21. јуни 2023 година, на следниот линк: https://www.youngleaders.com.mk/mak/apliciraj/.
По вашата апликација, постои можност да бидете повикани на интервју (онлајн, за учесниците од странство).
Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања, можете да се обратите и на следните е-пошти: [email protected] и [email protected].
Ви благодариме за времето и вниманието.