Конференција: Законите ги следат меѓународните стандарди, но има уште многу предизвици во превенцијата и заштитата од родово базирано насилство

konferencija rodova ednakvost
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По повод Светскиот ден на населението -11 Јули денеска беа претставени постигнувањата  во заштитата и превенцијата од родово базирано и семејно насилство како дел од проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство воМакедонија “. Настанот „Има помош за живот без насилство – Инвестицијата во родова еднаквост денес е инвестиција во заедничка иднина“ го организираше Канцеларијата на Фондот за население на Обединети нации – УНФПА во Скопје, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на Амбасадата на Велика Британија во Скопје.

Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Скопје, рече дека родовата нееднаквост е основа на проблемот маргинализирање и ограничување на потенцијалот на секоја втора личност на планетата.


-Родовата нееднаковст  ги остава жените и девојчињата надвор од училиштата, надвор од работната сила, оневозможува да се образуваат колку што треба и сакаат и од лидерските позиции. Тоа ја ограничува нивната способност и моќ да донесуваат одлуки за своето здравје и репродуктивен живот. Светскиот ден на населението е потсетник дека во свет со осум милијарди луѓе можеме да постигнеме просперитетна, мирна и одржлива иднина за секого. На овој ден ги заживуваме разговорите и напорите за зајакнување на жените и девојките за еднакви права и избори во свет од осум милијарди луѓе, рече Шаља и нагласи дека покрај поттикнување на потенцијалите на жените и девојките, за резултати во борбата за родова еднаквост треба да се вклучат и  мажите и момчињата.

Посочи дека една од трите глобални цели на УНФПА е нула родово базирано насилство и дека за остварувањето се потребни: истрајност, непоколебливлост, заедништво и координација, посветеност на секоја институција, организација, заедница, поединец.

Елизабета Ѓорѓиевска, сопруга на претседателот на државата Стево Пендаровски, на отворањето на настанот порача сите со своите лични и професионални капацитети да придонесат во битката со системските бариери и штетните стереотипи за, како што рече, „да го затвориме темното поглавје на насилството во занданите на минатото каде што припаѓа“.

-Сѐ уште голем број жени и девојки се директно изложени на различни форми на насилство. Според последните податоци кај нас, 45 проценти од жените изјавиле дека доживеале насилство во некоја форма, најчесто физичко, ментално, емоционално, честопати премолчено и потиснато, со чувство на беспомошност. Овој поразителен факт, колку и да звучи застрашувачки, е всушност предизвик за нашата истрајност до целта – родова еднаквост и општество без концепт на насилство, истакна Ѓорѓиевска и нагласи дека е цврсто убедена дека има помош за живот без насилство.

Како што рече, промените не се само нужни, туку и можни и „емпатијата, солидарноста, непоколебливоста се само дел од арсеналот во борбата со родово базираното насилство“.

-Нашата цел не е само да обезбедиме привремен одмор од насилството, туку да изградиме иднина во која насилството е незамислив концепт. Тоа бара напори на институциите, граѓанското општество, приватниот сектор и поединци, како секој од нас овде. Наша обврска е да создадеме услови во кои жртвите се заштитени, а сторителите повикани на одговорност. Превенцијата мора да стане основен дел од колективната свест. Подигањето и промовирањето на свеста е во сржта на проектот за родова еднаквост, превенција и заштита од родово базирано насилство во Македонија, рече Ѓорѓиевска.

Џулија Смит, заменик амбасадорка на Обединетото Кралство во земјава, рече дека родовата нееднаквост опстојува и стагнира во многу земји иако жените и девојките се половина од населението во светот, и тоа  се заканува  на нивната благосостојба и ги спречува да пристапат до можности кои се суштински значајни за слободата и нивниот развој – образованието, здравствената заштита и работењето.

-Во минатата година низ целиот свет видовме бавен напредок во родовата еднаквост и намалување на правата на жените и девојките. Навистина е важно сите да соработуваме за да го намалиме или да ја сменине насоката на овој тренд. Противродовите движења се сѐ почести, поттикнати од дезинформирањето поврзано со родовите прашања и сето ова е сериозна закана за напредокот во родовата еднаквост, рече Смит.

Во  Македонија, како што рече, законодавството се проценува како усогласено со меѓународните стандарди за родова еднаквост.

-Но, на терен многу предизвици сѐ уште постојат и во превенцијата и во заштитата од родово базирано насилство, а исто така и во подобрување на родовата еднаквост. Ова е причината зошто во изминатата година работевме со УНФПА за да постигнеме успешна имплементација на Истанбулската конвенција и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и родово базирано насилство. Денес сме горди што можеме да видиме дека овој проект ја постигнува својата цел, рече Смит и додаде дека Амбасадата продолжува да соработува со граѓанското општество и да ја поддржува нашата Влада за целите на Конвенцијата.

Насилството врз жените и семејното насилство се појави кои ги има и во најразвиените демократски земји, посочи министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, нагласувајќи дека должност на Владата е решително и навремено да реагира во превенирањето на насилството, казнување на насилниците и заштита од повторна виктимизација на жртвите.

-Наша главна должност како Влада е да обезбедиме целосна поддршка и помош секоја една жена жртва на насилство да се справи со последиците од насилството, рече Тренчевска и додаде дека  Македонија е меѓу првите држави кои ја потпишаа Истанбулската конвенција – ратификувана е од Собранието во декември 2017, а во јули 2018 влезе во сила.

Врз основа на Акцискиот план (2018-2023) за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врез жените, пред две години е донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените  и семејното насилство кој е целосно усогласен со одредбите од Истанбулската конвенција и целта му е да го прошири системот на превенција и заштита на сите облици на родово базирано и семејно насилство.

Веќе е подготвен првиот извештај од евалуацијата за спроведувањето на Истанбулската конвенција чии препораки, рече министерката, ќе бидат патоказ за подобрување на одговорот на државата кон превенцијата и подобра заштита од насилство.

Соопшти и дека МТСП посветено работи на унапредување на системот за справување со родово базирано насилство врз жените и семејното насилство.

-Во тој контекст се подготвени и подзаконските акти кои се однесуваат на итните и привремени мерки за постапување и подзаконските акти со кои ќе се обезбеди сеопфатен пристап, координиран мултидисциплинарен одговор, како и систем за градење на капацитетите на професионалците, интегрираното собирање податоци, како и реинтеграција на жртвите на родово базирано насилство и семејното насилство  во согласност со меѓународните стандарди, истакна Тренчевска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK