Репертоарот на класична музика на 66. „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт под свеќи на камерниот оркестар „Профундис“ од Македонија и српскиот виолинист Стефан Миленковиќ. Во Предворјето на црквата „Света Софија“ од 21 часот, тие ќе настапат под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Еден од најпризнатите виолинисти на неговата генерација, Стефан Миленковиќ ужива углед на профилиран солист и рецитален уметник кој настапува на меѓународната сцена веќе долги години покажувајќи врвна професионалност и безгранична креативност.
Повеќепати застанува на сцените на престижниот „Карнеги Хол“ во Њујорк, како и во „Кенеди центарот“ во Вашингтон, „Кадоган хол“ во Лондон, „Сантори Хол“ во Токио, како и на повеќето подиуми на театрите во Италија како „Ла Фениче“ во Венеција, „Сан Карло“ во Неапол, и театарот „Петруцели“ во Бари. Неговите настапи со оркестри ги вклучуваат: Симфонискиот оркестар во Индијанаполис, Берлинскиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Орфеус“, Филхармонијата во Хелински под диригентските палки, на меѓу другите сер Невил Маринер и Лорин Мазел. Настапува пред видни личности и светски лидери, меѓу кои Роналд Реган, Михаил Горбачев и папата Јован Павле II. Миленковиќ е лауреат на повеќе интернационални натпревари како: Меѓународниот натпревар во Индијанаполис (САД), натпреварот „Кралица Елизабета“ во Белгија, „Родолфо Липицер“ и Премио „Паганини“ во Италија, натпреварот „Лудвиг Шпор“ во Германија и натпреварот „Јехуди Мењухин“ во Велика Британија.
Ѓурѓица Дашиќ дипломира на Факултетот за музичка уметност на одделот – оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Македонската опера и балет како хор-мајстор. Учествува во поставувањето и во одржувањето на целокупниот репертоар во Македонската опера. Соработува со голем број истакнати диригенти во улога на соработник и на асистент-диригент, меѓу кои и Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Урош Лајовиц и со многу други.
Како оркестарски диригент, во својата матична куќа ги диригира оперите „Рита“ од Г. Доницети, „Севилскиот берберин“ од Џ. Росини и традиционалниот концерт Млади оперски надежи „Коста Трпков“. Активно учествува во подготовката и во реализацијата како оркестарски диригент на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, во чест на Тоше Проески.
Во 2019 година го формира камерниот оркестар „Профундис“ со кој активно работи како негов уметнички раководител и диригент и реализира исклучително успешни соработки и настапи.
Камерниот оркестар „Профундис” е формиран во 2019 година од страна на диригентката Дашиќ. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од повеќе различни генерации. Идејата на „Профундис” е да се создаде висококвалитетен професионален ансамбл кој покрај изведбите на капитални дела, ќе поставува праизведби на дела од современи автори од класичната музика, да биде во функција на македонските врвни изведувачи, како и на македонските современи автори, да носи светски имиња од светот на класичната музика како солисти и да ги поместува границите на креативноста како во смисла на изведбата, така и во смисла на сценскиот настап.
Оркестарот „Профундис” низ својата активност ќе забележи исклучително успешни концерти сo светски познатите солисти како виолинистите: Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Јован Богосављевиќ, Ирина Мурезану и Марио Хосен; виолончелистите: Петар Пејчиќ и Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки; Огњен Поповиќ – кларинет; Џузепе Нова – флејта; Даниеле Ајело – гитара; Антонио ди Кристофано – пијано; како и со македонските солисти: Владимир Костов, Ана Кондратенко, Благој Нацовски, Ема Попивода, Наде Талевска, Марија Ѓошевска, Славица Мицовска, Бранко Павловски, Љубиша Кировски и др.