Комисијата за спречување и заштита од дискриминација продолжува со серијалот ‘Отворени средби’ за комуникација со граѓанскиот сектор

kszd
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамки на новиот циклус „Отворени средби“ на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) со граѓанскиот сектор, до крајот на оваа година планирано е одржување на настани во девет градови низ државата.

Отворените средби ќе бидат реализирани со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а првата ќе се одржи утре (27 јуни 2023) во салата на Советот на Општина Крива Паланка.


Граѓаните и активистите на граѓанските организации кои дејствуваат на територијата на општина Крива Паланка и нејзината околина ќе имаат можност, преку директна комуникација со членови и вработени во КСЗД, да се запознаат со надлежностите и начинот на работа на ова независно институционално тело, задолжено за промоција на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација.

Ваквите средби претставуваат и дополнителна можност за активистите од граѓанските организации кои делуваат во областа на човековите права, како и на институциите на локално ниво, да ја продлабочат соработката со Комисијата во насока на подигнување на јавната свест, поголема мобилизација и заедничко делување во борбата против дискриминацијата.

„Овие средби се одлична можност за Комисијата да оствари директен контакт со граѓаните, организациите и локалните институции, за да може ‘од прва рака’ да се запознае со нивните ставови и мислења. Истовремено, ваквата директна комуникација ни овозможува на ефикасен начин, преку разгледување конкретни примери од практиката, да ги запознаеме граѓаните со работата, начинот на постапување и надлежностите на КСЗД. Во борбата против дискриминацијата сме вклучени сите, без исклучок и оттаму најважно е да се запознаеме подобро, да се едуцираме и потоа заеднички да делуваме“, истакнуваат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и ги покануваат граѓаните и граѓанските активисти да присуствуваат на отворената средба во Крива Паланка и да имаат заедничка плодна дискусија.
По настанот во Крива Паланка, серијалот „Отворени средби“ ќе продолжи на 6 јули во општина Гостивар и на 13 јули во општина Гевгелија.

Комисијата за спречување и заштита на дискриминација започна со работа во февруари 2021 година, по усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Покрај заштитната улога и постапување по претставки од граѓаните, како и по службена должност, Комисијата има и превентивна улога која ја спроведува со едукација и соработка со граѓански организации, државни институции и институции на локално ниво. „Отворените средби“ се дел од активностите кои членовите на Комисијата ги преземаат заради ефикасна комуникација со граѓаните и за претставување на Комисијата и на нејзините надлежности во јавноста.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK