Министерот за здравство Сашо Клековски денеска, во рамките на кампањата „Мовембар“, ја посети ЗД „Железничар“ и, заедно со директорот Спасе Јанев, ја поддржа иницијативата за бесплатни ПСА-тестирања за рано откривање на ракот на простатата.
На настанот присуствуваа и пратеникот во Собранието Драган Ковачки, претседателот на Лекарската комора проф.д-р Никола Јанкуловски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Јовица Андовски и директорот на УК за физикална медицина и рехабилитација д-р Злате Мехмедовиќ.
„Ноември е месецот кога мустаќите се симбол на важна порака: грижата за машкото здравје не смее да биде табу. Превенцијата е најдоброто вложување во здравјето“, изјави Клековски.
Министерот истакна дека ракот на простатата е едно од најчестите малигни заболувања кај мажите, дека бројот на новодијагностицирани случаи расте и дека кај нас заболувањето често се открива во понапреднат стадиум, кога можностите за лекување се ограничени.
„Мажите често ги одложуваат прегледите поради страв, срам или убедување дека се здрави. Грижата за здравјето не е слабост, туку одговорност кон себеси и кон семејството“, порача Клековски.
Тестирањето е едноставно и брзо — едно боцкање, со капка крв од прст. Министерот појасни дека покачената вредност не значи автоматски рак, бидејќи може да се должи на бенигно зголемување, воспаление или инфекција, а резултатот го толкува лекар, кој при сомнеж упатува на уролошка проценка. Разговорот за ПСА-тестирање обично започнува околу 50-тата година, а кај мажите со семејна историја на рак на простатата — околу 45-тата.
ЗД „Железничар“ е првата јавна здравствена установа со бесплатни ПСА-тестирања, наменети за промоција и за градење свест за раното откривање. Во последните две години се опфатени околу илјада граѓани, а сите со покачена вредност се упатени на дополнителни испитувања. Вчера, во соработка со Црвениот крст, беа тестирани околу 30 бездомници, а опфатот ќе се проширува и на други социјално загрозени лица.
„Здравствениот систем се менува и никој не е заборавен. Идејата е да се допре до секоја пора во општеството, вклучително и до најранливите категории“, нагласи министерот.