Вработените во општинската администрација во Карпош, денеска се собрааа на протест со цел јавно да го изразат своето незадоволство и стравот од последиците поради недонесувањето на Буџетот на Општина Карпош за 2024 година.
Причина за тоа, како што велат, е несовесното и противзаконско работење на дел од членовите на Советот, поточно на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Роберт Вељановски, Марјан Стефановски, Адријана Јакимовска Панчевска, Благица Цветановска, Христо Саракинов и Давор Грче, како и членот на Советот од Независните за Карпош, Невена Георгиевска и претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претставник на Левица.
„Со овој нивен чин, тие докажаа и покажаа дека работат спротивно на интересите на граѓаните од кои ги добија мандатите. Блокирањето на општинскиот Буџет од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коaлицијата, повлекува низа на сериозни проблеми со кои ќе се соочат сите граѓани на Карпош и тоа во најтешкиот и најдолгиот месец во годината“, велат вработените во допис до медиумите.
Потенцираат дека помеѓу другото, редовното функционирање на Општината подразбира и: одржување на хигиената на јавните површини; одржувањето на урбаната опрема и детските игралишта; доведени се во прашање и одржувањето на уличното осветлување; тековното одржување на сервисните општински улици и инфраструктура, односно водоводот, атмосферската и фекалната канализација; одржување на коловозот во зимски услови, односно чистење на снегот, (на само неколку дена пред најавата за обилни врнежи од снег).
Велат дека членовите на Советот го довеле во прашање функционирањето на Општина Карпош, но и платите на вработените во општината, градинките и училиштата, како и Договорите на привремено вработените во општината, училиштата и градинките.
Општината од 1 јануари нема основ ниту пак средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките.
„На тој начин на општинската администрација ќе и биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа“, се вели во писмото.
Бараат од Обвинителството да преземе мерки против, како што велат, незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос.