Финансиската помош за учениците од основно образование е исплатена за декември, а денес е 13-ти март, а за средношколците не е исплатена ниту за декември, изјави Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
Јаневска вели дека студентите бараат навремени исплати на стипендиите, дигитализација на универзитетите и лифтовите да функционираат.
„Во Тетово токму сега им текнало да го преименуваат текстилното училиште од „Гоце Стојчевски“ во „Кард Гега“. Одредени училишта со одредени директори токму сега одлучија да ги одведат учениците во посета на претседателот Пендаровски иако имаат можност да ги одведат и во Собрание. Злоупотреба? Одлучете сами. Наставници реагираат дека ученици не одат на настава поради рамазанските пости. Во секуларна држава ученици не одат на настава заради верски обврски? Министре, претпоследни се на ПИСА, сакате да бидат последни? Родители се жалат дека учениците со попреченост и посебни образовни потреби се занемарени и дискриминирани во регуларните паралелки. Ниту се интегрирани во одделението, ниту поедини наставници им обрнуваат внимание. Ги обучивте наставниците, колку пари потрошивте?“, вели Јаневска.
Додава дека регионалниот центар за средно стручно образование во Куманово 4 години спроведува онлајн настава. На пример фармацевт годинава завршува средно стручно образование во Регионален центар за средно стручно образование кој нема клупи, столчиња и табли, а не пак лаборатории.
Едно училиште од Куманово, како што реле Јаневска, дозволило 6 дневна екскурзија на наставничките по повод 8 Март. Шест дена децата губат настава, а родителите реагираат.
„Се прашувам по кој закон и кој дозволил вакво нешто. На 8 Март во 12 часот јас лично ги видов вработените од МОН како со куферчиња и патни торби чекаат автобус да ги носи на прослава. Го прашувам министерот Шаќири кој ја плати екскурзијата во Струга и дали со тие средства, дури и да биле спонзорство не можеше да докупи барем уште една смарт табла, а според бројот на дамите кои ги видов пред МОН можел да купи многу повеќе од една. После се министре Шаќири, Ве прашувам дали е вистина дека висок службеник во МОН (патем кадар на СДСМ) ги повикува вработените и ги прашува за кого ќе гласаат. Ако е вистина што преземавте во врска со тоа?“, рече таа.