Ивановска: ДКСК нема надлежност да постапува за внукот на Ахмети

dksk
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Внукот на Али Ахмети не е избрано и именувано лице поради што, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) директно нема надлежност да постапува по него, рече денеска претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Одговорајќи на новинарско прашање дали ДКСК го следи случајот „Соравија“ во кој е наводно инволвиран внукот на Ахмети и дали има можност за постапување, Ивановска напомена дека ДКСК веќе четири години укажува на неопходноста од донесување закон за потекло на имот.


-Веќе четири години кажуваме дека е неопходен закон за потекло на имот согласно кој, секој граѓанин ќе се изјасни од каде му се средствата за стекнување на имотот. Законот почна да се подготвува, се оформи работна група со поддршка на Советот на Европа уште од претходниот Кабинет за борба против корупцијата, кога беше вицепремиер Љупчо Николовски, почна постапката за овој закон, стигна до некоја драфт верзија, која од минатата година до пред две недели е во Кабинетот на вицепремиерката Грковска. Пред две недели не викнаа на состанок за да видиме дека е променет насловот на законот и тој веќе не е закон за потекло на имот, туку е закон за конфискација без донесување судска пресуда, што по мене е нелогично, бидејќи, како би се вршела конфискација ако не се испита потеклото на имотот?, рече Ивановска на прес-конференција.

Таа информира и дека е избришан делот од законот во кој ДКСК барала секој граѓанин да има обврска да го пријави и имотот, но и средствата со кои е стекнат.

-Според нас, се губи основната цел на постоењето на тој закон. Дали Владата ќе донесе понатаму одлука, дали ќе формира работно тело за подготовка, не знам, но мислам дека се изгуби многу време, а тој закон е основен ако сакаме вистинска борба против корупцијата зашто ние имавме бројни случаи и дојави дека некој има некаков имот, а кога ќе го провериме со Катастарот, имотот му е во ред. Значи, упатува на тоа дека е пријавен на друго лице. Единствен начин да се спречи тоа, е да се има клучна контрола. Клучната контрола треба да даде црвени светла каде постои ризик дека нешто е незаконски, а тоа може да се постигне само ако се направи поврзување на податоци кои ги имаат институциите кои регуларно ги собираат и изготвување софтвер кој ќе детектира ризици. Тоа не е воопшто тешко да се спроведе, но треба добра волја, потенцира Ивановска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK