„Италијанскиот јазик – еден јазик, многу можности“ е насловена конференцијата што денеска се одржува во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, прва национална конференција во државава посветена на италијански јазик во рамки на одбележувањето 30 години дипломатски односи со Италија.
Конференцијата е организирана од Амбасадата на Италија и на иницијатива на актуелниот амбасадор во државава, Андреа Силвестри, кој истакна дека Владата на неговата земја е посветена на промовирање на италијанскиот јазик во светот чие познавање, рече, е важно за да се стапи во контакт со италијанската култура, музиката, уметноста, модата, дизајнот…
-Повеќе од два милиона странци во светот избираат да го изучат нашиот јазик за да се доближат до нашето културно наследство, посочи Силвестри и додаде дека Италија има 60 милиони жители, a важна е бројката, како што рече, на македонски жители и дека 11 летови неделно има од земјава кон Италија.
Амбасадорот и се заблагодари на нашата влада за одлуката од 2018 година италијанскиот јазик да се изучува како втор странски јазик во основните и средните училишта. Соопшти дека според последниот попис во земјава, 2230 лица изучуваат италијански јазик во училиштата, факултетите и во Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје.
-Од пред неколку години и на универзитетите „Гоце Делчев“ и на Југоисточна Европа, а се отворија катедри и на Државниот универзитет Тетово и на Универзитетот „Мајка Тереза“, рече Силвестри, додавајќи дека има можности за изучување на јазикот и преку размена во рамки на образовната ЕУ-програма „Еразмус“ и билатерална размена меѓу македонски и италијански универзитети.
Силвестри посочи и на неодамна потпишаната нова четиригодишна програма за соработка во образованието, науката и културата која предвидува низа иницијативи во повеќе области. Потсети и дека Амбасадата секоја година организира голем број настани за промоција на италијанскиот јазик и култура, меѓу кои претстојната Недела на италијанската кинематографија, Недела на италијански јазик и култура во третата недела од октомври, Недела на италијанската кујна во ноември…
Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски информираше дека италијанскиот јазик на Скопскиот универзитет се изучува од 1959 кога е формиран Лекторатот по италијански јазик во рамки на Катедрата за романски јазици и книжевности, а поради голем интерес пред 13 години прераснува во посебна Катедра на Филолошкиот факултет каде што досега дипломирале над 800 наставници и преведувачи по италијански јазик.
-Импозантен е бројот од сите наставни групи што го учеле на лекторатот, а подоцна на катедрата, а научната дејност на професорите е на врвот на полето на италијанистиката. Наставата успешно ја изведува многу квалитетен кадар кој може да се носи со сите предизвици на новото време, рече Јанкуловски и нагласи дека Амбасадата има голема улога за проширување на културна соработка на нашите две земји и во помагањето на научно-истражувачката работа и педагошка дејност.
Со одлука на Владата, од 2018 година италијанскиот јазик е воведен како втор странски јазик во редовната настава. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на отворањето на конференцијата рече дека италијанскиот како втор странски јазик пет години се изучува во 19 основни и во осум средни училишта.
-А веќе втора година гимназијата „Никола Карев“ запишува ученици во билингвална паралелка каде италијанскиот јазик е застапен шест часа неделно што ни дава можност да размислуваме и за отворање на ваков тип паралеки и во другите градови во нашата земја, рече Шаќири.
За проширување на изучувањето на италијанскиот јазик во формалното образование разговарал со амбасадорот Силвестри и, како што рече, му ветил дека МОН во наредниот период максимално ќе се заложи, а дека оваа прва конференција ќе биде патоказ во таа насока.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на значењето да се познава италијанскиот јазик за да се допре изворно до ремек-делата од богатото културно наследство, голем дел од нив заштитени од УНЕСКО.
-Италија е земја на врвното сликарство, архитектура, литература, опери, скулптури, споменици, мода, дизајн, храна и вино. Познавањето на италијанскиот јазик ќе ви помогне да ги доживеете и да ги вкусите сите работи на италијански начин…. Придобивка има и во кариерата – ново постковид работно место од дома со некоја италијанска компанија…, рече меѓу другото министерката за култура.