Интервју со Игор Трајановски: „Функционалните држави не се случајност, туку резултат на систем и луѓе што знаат да го водат“


Igor_cover_foto2
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По подолго време конечно во Македонија започна нов инвестициски циклус во аеродромската инфраструктура откако минатиот викенд беше најавена поголема реконструкција и проширување на аеродромот ,,Св. Апостол Павле” во Охрид за прв пат од неговата изградба во 1952 година. Ова повторно отвори и едно пошироко прашање: дали државата конечно влегува во фаза на системско функционирање и може да очекуваме други системски неопходни реформи, не само во авио-транспортните политики, туку и воопшто во сите сегменти на општеството?

За ова, но и за начинот на кој се градат институции што испорачуваат резултати, разговараме со Игор Трајановски, актуелен генерален директор на А.Д. Аеродроми на Република Северна Македонија и доктор на науки од Факултетот за општествени применети студии (FUDS) во Словенија.


Неговото искуство комбинира практично управување со комплексни системи и научна перспектива за тоа како функционираат општествата. Во разговорот, Трајановски не зборува само за проектите од институцијата што ја предводи, туку за логиката зад нив – што прави една институција да биде ефикасна и воопшто една држава да биде предвидлива.

 

Прашање: Реконструкцијата на охридскиот аеродром повторно ја отвори темата за аеродромската инфраструктура. Дали ова го гледате како поединечен инвестициски потег или како почеток на еден поширок, системски пристап во развојот на овој сектор?

 

Игор Трајановски: Она што е охрабрувачко е што конечно гледаме континуитет и јасна развојна линија. Кај нас долго време проектите се движеа во циклуси: започнуваат, запираат, па повторно се активираат, што создава чувство на нестабилност и го отежнува долгорочното планирање.

Аеродромите, како и секој комплексен инфраструктурен систем, бараат нешто сосема спротивно: предвидливост, стандарди и координирано управување. Тука не станува збор само за терминали и писти, туку за интегриран систем што вклучува оперативни процедури, безбедносни протоколи, управување со патнички текови, координација со авиокомпании и усогласеност со меѓународни регулативи. Во таков систем, секој сегмент мора да биде синхронизиран. Не може да се функционира ад-хок, затоа што и најмал пропуст веднаш се рефлектира било преку доцнења, намалена ефикасност или нарушено корисничко искуство.

Затоа ова не го гледам само како инфраструктурна инвестиција, туку како почеток на еден поинаков пристап, пристап во кој се воведува континуитет во планирањето, јасна методологија и постепено усогласување со европските стандарди. Оттаму морам да изразам голема благодарност до сите вработени во АД Аеродроми, Претседателот на Владата, Министерот за транспорт и врски, одговорните во ТАВ и сите останати стејкхолдери кои вредно и координирано заеднички работеа и покажаа дека промените можат да се случуваат кога се има визија, волја и многу работа.

Следниот чекор е овој пристап да не остане изолиран во еден сектор, туку да стане стандард на работа. Кога еднаш ќе покажете дека може да се работи системски, тогаш очекувањата се менуваат – и тоа е позитивен притисок што ја движи државата напред. А тоа се веќе карактеристики на систем што се гради свесно, а не на импровизација што се случува по потреба.

Прашање: Често правите разлика помеѓу систем и импровизација. Што според Вас е суштината на таа разлика?

Игор Трајановски: Суштинската разлика е во тоа што импровизацијата решава моментален проблем, додека системот обезбедува континуитет и ред. Импровизацијата понекогаш може да даде брз резултат, но тој резултат најчесто зависи од околности, од поединечен ангажман или од моментална волја. Тоа значи дека решението не е стабилно и не може лесно да се повтори.

Системот, напротив, можеби бара повеќе време, организација и јасна стратегија за да се постави, но неговата вредност е токму во тоа што создава правила, дефинирани процедури и распределена одговорност. Тогаш резултатите не зависат од тоа кој е на одредена позиција или колку лично ќе се вложи, туку од тоа како е поставен механизмот.

Кај нас предолго се негуваше пристап во кој работите се решаваат ситуационо, наместо структурно. Тоа создава зависност од личности, а не од институции. А кога системот зависи од личности, тогаш секоја промена носи нова неизвесност.

Затоа, во суштина, изборот е едноставен: дали сакаме држава што функционира реактивно, од случај до случај, или држава што функционира врз основа на правила. Првиот модел создава непредвидливост, вториот создава доверба. А без доверба нема ниту стабилен развој.

 

Прашање: Имавте прилика вашите докторски студии да ги реализирате во Словенија која за нас важи како држава, општество и систем што е некаков бенчмарк за споредување и честопати велиме дека треба да учиме од нив. Што е најважната лекција што Вие лично ја донесовте оттаму?

Игор Трајановски: Најважната лекција што лично ја донесов од Словенија е дека стабилноста не се создава преку поединечни решенија, туку преку конзистентност во градењето на системот. Таму јасно се гледа дека нема потреба постојано да се почнува од почеток, затоа што институциите и механизмите се поставуваат долгорочно и потоа континуирано се надградуваат.

Токму таа континуираност создава доверба, и кај граѓаните и кај институциите. Кога луѓето знаат дека правилата важат, дека процедурите не се менуваат зависно од моментот и дека системот има меморија, тогаш и општеството функционира посигурно и посмирено.

Она што исто така ми остави силен впечаток е дека квалитетот на институциите директно зависи од квалитетот на луѓето што ги водат. Институциите не се нешто апстрактно, тие се одраз на знаењето, вредностите и начинот на размислување на оние што ги градат и одржуваат.

Затоа мојата најсилна лична поука е дека редот, структурата и предвидливоста не доаѓаат случајно. Тие се резултат на долгорочно градење на систем и на луѓе што се оспособени да размислуваат одговорно и институционално.

 

Прашање: Тоа значи дека клучот не е само во институциите, туку и во процесот на создавање на тие луѓе?

Игор Трајановски: Токму така. Институциите се рамка, но луѓето се тие што секогаш ја даваат суштината.

Може да имате најдобро напишани правила, модерна инфраструктура и јасни процедури, но ако немате луѓе што знаат како да размислуваат во рамки на систем, тогаш тие правила остануваат формални.

Затоа често велам дека образованието е темелот на системот. Не како декларација, туку како реалност. Начинот на кој ги формираме луѓето од најрана возраст, начинот на кој ги учиме да носат одлуки, да преземаат одговорност и да работат во рамки на правила подоцна се рефлектира во секоја институција.

Тоа не е процес што се решава преку краткорочни мерки. Тоа е долгорочна инвестиција во начинот на размислување.

Државите што функционираат не се изградени преку инфраструктура, туку преку генерации што знаат како да ја користат. Ако тој процес е слаб, системот секогаш ќе има слабости, без разлика на инвестициите.

 

Прашање: Колку вредностите кои ги ставаме на “пиедестал” во општеството влијаат врз тоа дали еден систем ќе биде одржлив?

Игор Трајановски: Вредностите се тивката основа на секој систем. Тие не се секогаш видливи, но секогаш се присутни.

Можете да имате институции што формално функционираат, но ако во нив нема чувство за одговорност, почитување на правилата и интегритет, тогаш тие институции се кревки.

Во моето истражување за Претседателот Киро Глигоров кое беше основата за докторскиот труд, тоа беше една од клучните поенти: стабилноста не доаѓа само од одлуки, туку од вредносна рамка.

Кога вредностите се јасни и споделени, системот добива стабилност. Кога не се – се јавува простор за импровизација и нестабилност.

Затоа верувам дека вредностите не се нешто што доаѓа подоцна, туку тие се вградуваат од самиот почеток и подоцна се препознаваат во начинот на кој функционираат институциите.

Прашање: Каква улога има политиката во поставување на ваков систем?

Игор Трајановски: Политиката треба да создаде рамка во која системот може да функционира: со јасни правила, со владеење на право и со институции што се предвидливи.

Нејзината улога не е да ги заменува системите, туку да ги постави и да обезбеди тие да функционираат.

Јас мислам дека кај нас најголемиот предизвик не е во идеи, идеи има. Предизвикот е во доследноста и имплементацијата. А имплементацијата секогаш зависи од тоа дали имате систем што е поставен врз правила и вредности, а не врз импровизација.

Кога тоа ќе се постигне, тогаш и институциите и луѓето почнуваат да го даваат својот максимум.

На крајот, прашањето не е дали можеме – туку дали ќе одлучиме да функционираме како систем.

Јас верувам дека не само што можеме, туку дека тоа е неопходно.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK