Правичната и соодветна застапеност конечно станува закон, кажа денеска Албрим Хоџа од „Вреди“.
За првпат во историјата, ова право, додаде тој, нема да остане само запишан принцип или политичко ветување, туку станува гарантирано, заштитено и задолжително за институциите.
Досега, како што рече, многу работи зависеа од нечија волја, од расположението на некој министер или од политички пазарења. Со овој закон, на тоа му доаѓа крај.
Како што појасни, за законот да не остане само на хартија, ќе има Координативно тело, кое ќе го предводи првиот вицепремиер. Пред ова тело извештаи ќе поднесуваат сите институции, без исклучок.
„Веќе нема да има оправдувања, туку следење, известување и одговорност. Во рок од шест месеци од донесувањето на законот ќе се донесе методологија што во практика ќе ја уреди правичната застапеност, годишните планови за вработување и конкурсите. Таа ќе се заснова на последниот попис на населението, за застапеноста да го одразува реалниот демографски состав.
Една важна и историска новина е што законот нема да важи само за вработувањата, туку и за унапредувањата на работното место. Не е доволно некој да се вработи во администрација, а потоа со години да остане на истото ниво. Со овој закон се отвора пат за унапредување и за поголемо учество во одлучувањето“.
Законот, како што истакна, го решава и проблемот со злоупотребите со балансерот.
„Самоизјаснувањето не може да биде покритие за измама и никој не смее да си игра со идентитетот заради конкурс. Проверката ќе се врши врз основа на официјални податоци, вклучително и личната карта.
Вистинската одговорност е политичка. Ако некој функционер не го почитува законот, ќе биде разрешен. Граѓаните не треба да плаќаат од буџетот за ничија неодговорност“.
Ова, според него, е победа за Албанците и за сите етнички заедници, унапредување на Охридскиот договор и голем чекор кон поправедна држава.
„Она што не се направи за 25 години, „Вреди“ го прави за 25 месеци.