„Знаеме дека правата не можеме да ги земаме здраво за готово и дека позитивните културни промени се далеку побавни од оние кои ги правиме со правните акти и преку демократските институции. И токму затоа не можеме да ја прифатиме опцијата да бидеме уморни или апатични, кога е во прашање борбата за поправедни општества. Тоа значи елиминирање на насилството врз жените и девојчињата, пристап до образование и работа и еднаков третман од системот и општеството. Но, и застапеност во лидерските, одлучувачките и сите останати влијателни јавни позиции“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во воведното обраќање на конференцијата „Жените во јавниот живот“ во Брисел.
Kонференцијата во Брисел, во пресрет на Меѓународниот ден на жената, ја организира потпретседателката на Европската Комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова.
На отворањето на конференцијата, Јоурова истакна дека токму минатогодишната средба со вицепремиерката Грковска, на која се разговараше за родово заснованите пречки на кои наидуваат жените инволвирани во борбата со корупцијата и криминалот, ја инспирирало да го организира овој настан и да стави фокус на причините поради кои жените често ги напуштаат позициите во јавниот живот.
Истакнувајќи дека голем дел од овие жени се соочиле со пречки во професионалниот развој и во приватниот живот, поради јавниот притисок заснован на мизогинија, Грковска нагласи дека дискредитацијата на овие жени не е поврзана со нивната професионалност, туку токму покажаната одлучност за борба против криминалните аномалии е мотивот зад ваквите напади.
„Тоа, на многу места во светот, а особено во регионот од кој доаѓам, е силен онеспособувачки фактор за жените, каде што традиционалниот поглед на нивната улога е сè уште многу присутен и каде што уништувањето на јавниот углед и професионалниот интегритет е лесно да се случи кога станува збор за жена“, изјави Грковска и додаде дека за жените да можат да ги пробијат „стаклените тавани“, прво мора да се извлечат од калта на стереотипите кои се вкоренети во нашите општества.
Грковска упати апел до сите храбри жени и мажи кои се посветени на европската идеја и сето она што таа го носи:
„Продолжете да ги штитите сите демократски придобивки преку вашите постапки насекаде, бидејќи само така се заштитени сите граѓани. Имајте на ум дека кризата на демократијата е криза и за правата на жените. Затоа, не смееме да дозволиме ретроградните антидемократски сили да предизвикаат назадување, внатре во ЕУ или во земјите кои се во чекалната на ЕУ. Отпорноста на сите нивоа е задолжителна, но да не заборавиме дека пресудно е одлучувачко ниво.“
Покрај обраќањата на Јоурова и Грковска, во воведниот дел беа вклучени видео пораки од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, претседателката на Словачка, Зузана Чапутова и поранешната Државна секретарка на САД, Хилари Клинтон. Конференцијата во Брисел продолжува попладнево со панел дискусии на високо ниво за улогата на жената во политиката, новинарството и активизмот.