Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, учествуваше на панел дискусија во рамки на Отворениот форум за антикорупција, кој денеска и утре се одржува во Скопје, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Осврнувајќи се на темата на панелот со наслов „Дали ги исполнивме ветувањата за борба против корупцијата“, Грковска истакна дека е потребно одговорноста да се индивидуализира, а не да се генерализира и сите да се ставаат во еден кош, затоа што има професионалци коишто добро си ја работат својата работа. „Прашањето е како системот да не се солидаризира, туку да ги исфрли оние кои што ставаат дамка на професијата, на одредени институции и организации“, истакна Грковска.
Го посочи како позитивен фактот што граѓаните се чувствуваат слободни отворено да зборуваат и да реагираат на негативните појави и благодарение на тоа се зголемува притисокот врз институциите за преземање на итни мерки за санкционирање на корупцијата. Според неа, зголемувањето на транспарентноста и притисокот на јавноста се најдобрите начини за вршење контрола врз начинот на работа и ефикасноста на институциите.
За да се постигнат посакуваните резултати во борбата со корупцијата, потребни се вредносни поместувања во целото општество и консензус меѓу сите политички чинители, истакна Грковска, и додаде дека политичарите треба да бидат пример за однесување со интегритет и професионалност, а потоа таков систем на одговорност да се пренесе во сите сфери на општеството.
„Потребни ни се силни и отчетни институции, кои на транспарентен начин ја вршат својата функција. Но, потребно ни е да се справиме со неказнивоста и со провлекувањето на најштетните поединци во општеството низ дупките во системот кои се „подмачкуваат“ со моќ и влијание“, изјави Грковска, додавајќи дека сите мерки кои се преземаат, мора да водат кон промена на менталитетот.
Во таа насока, вицепремиерката Грковска го заокружи своето излагање истакнувајќи ја потребата да се стави фокус и да се даде поддршка на позитивните примери и рол модели во општеството и континуирано да се работи со младите на вградување вистински вредносен систем.