По неколкуте повици од адвокати и здруженија, граѓаните почнаа да поднесуваат кривични пријави против извршителите што не ги бришат долговите постари од десет години и продолжуваат да ги извршуваат. Адвокатот Бојан Манев од Велес во понеделникот поднесе кривична пријава против скопски извршител.
„Поднесов кривична пријава во име на мој клиент против извршителот Гордан Станковиќ поради застареноста на извршен предмет, а се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувањето поради непостапување по застареноста на предметот“, вели адвокатот Манев за „Макфакс“.
Адвокатот во кривичната пријава наведува дека извршителот Станковиќ пропуштил да донесе акт со кој ќе го запре извршувањето застарен предмет и го продолжил извршувањето иако поради застареноста на предметот, долгот не можел да се наплати преку предметното извршување.
Извршителот Станковиќ не одгвори на прашањата од „Макфакс“ за неизбришаните застарени долгови.
Професорот по кривично право, криминологија, корупција и организиран криминал на Факултетот за безбедност во Скопје, Зоран Петковиќ-Бакли, минатиот месец ги поучи граѓаните што имаат застарени долгови, а извршителите не им ги бришат, туку ги праќаат на суд, да поднесат кривични пријави. Тој појасни дека сите службени лица треба да постапуваат по измените на Законот за облигационите односи од минатата година, кој предвидува бришење на долговите, а за непримената и кршењето на законот треба да се одговара кривично.
Народниот правобранител Насер Зибери минатиот месец јавно им одржа лекција на извршителите и судиите, кои седум месеци одбиваат да ги применуваат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето и не ги бришат застарените долгови кон извршителите под разни изговори. Им укажа дека членот 93 од Законот за извршувањето е правниот основ извршителот веднаш кога ќе прими барање од граѓанин, да ја сопре постапката поради застарување.
Дека измените на законите треба да се применуваат, пред три месеци потсети и Уставниот суд, кој не ги прифати иницијативите да се поништат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од јули минатата година, кои пропишаа застарување на извршувањата, овозможија граѓаните да бараат деблокирање на сметките ако се поминати 10 години од решенијата од извршител, да бараат намалување на каматите оти тие не смее да го надминат износот на основниот долг и низа други олеснувања за граѓаните.