Граѓаните ќе можат да пријават проблем или да испратат предлог: Герасимовски најави нова мобилна апликација


gerasimovski-1-8.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Општина Центар – Скопје ја пушта во употреба својата официјална мобилна апликација, преку која граѓаните на едно место ќе имаат пристап до најважните информации, услуги и дигитални алатки на Општината.


Апликацијата во моментов е достапна за преземање на App Store за корисниците на iOS, а во следните неколку дена ќе биде достапна и за Android корисниците преку Google Play, соопштија од ооштината.

Новата апликација, како што појаснуваат, е уште еден чекор во процесот на дигитализација и има за цел да ја направи комуникацијата со Општината побрза, поедноставна и подостапна. Преку мобилен телефон, граѓаните ќе можат да ги следат актуелните вести, соопштенија, настани и јавни повици, но и директно да пристапат до електронските услуги и сервисите што ги нуди Општина Центар.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека со новата апликација Општината продолжува со воведување современи решенија кои им заштедуваат време на граѓаните и им овозможуваат полесен пристап до информациите и услугите.

„Сакаме Општина Центар да биде достапна за граѓаните секогаш кога им е потребна. Наместо да пребаруваат на повеќе места или да доаѓаат во Општината за секоја информација, сега најважните услуги и информации ќе ги имаат директно на својот телефон. Со новата апликација правиме уште еден чекор кон поотворена, поефикасна и подигитална општина, во која граѓанинот е во центарот на услугите“, изјави Герасимовски.

Преку апликацијата е овозможен брз пристап до ГИС Порталот, е-Урбанизам и е-Дозволи, „Мој Буџет“, како и до сите општински услуги организирани по категории, со можност за брзо пребарување.

На едно место се достапни и општинските документи, обрасци и одлуки, како и сите потребни контакт информации – адреса, телефон, електронска пошта и работно време на Општината.

Посебен дел е предвиден за директна комуникација со граѓаните, преку кој тие ќе можат да пријават проблем или да испратат предлог до Општината. Достапни се и корисни линкови за пристап до информации од јавен карактер, пријавување корупција, отворени податоци и граѓански буџет.

„Апликацијата е наменета не само за жителите на Општина Центар, туку и за сите кои работат, престојуваат или секојдневно го посетуваат центарот на Скопје.

Со новата мобилна апликација, Општина Центар продолжува со дигитализацијата на услугите и со создавање модерна, отворена и достапна општина која им го олеснува секојдневието на граѓаните“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK