Денеска, во рамките на својата кампања за претседателка на Македонија, професор д-р Гордана Силјановска-Давкова, одржа говор во Берово.
– Врв на султанатот Македонија е она што се случи во Владата? Сте чуле ли некој премиер, па и некој технички премиер да си го слави роденденот со семејството во Владата. Луѓе, не само што ја приватизираа државата, туку и дворци си направија од државните институции, со сè внуци, со сè фамилија. Затоа јас велам дека се однесуваат како римски конзули, рече Силјановска-Давкова.
Во својот говор Силјановска-Давкова рече: „Од другата страна на Вардар еден друг конзул, еден друг везир, исто така си славеше во она министерство во кое што само 3% има други. Можете да замислите што прави господинот Артан Груби? Му го дава министерството, зградата, на султанот Али Ахмети за тој таму да се среќава со дипломати, па да слави родендени, па дури и да си пее. Тоа ли е држава? Тоа не е држава, тоа е држава во пропаѓање, а не само слаба држава и затоа да не дозволиме да пропадне“.
– Сè додека има горди Македонци, сè додека горди Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби, а тие се овде, во коалицијата, сè додека горди граѓани, мислам дека ние и Беровски и Русински ќе си ги имаме во умот и ќе зачекориме напред, во една нова ера. Инаку, тешко ни се пишува. А, кога мојот противкандидат зборува дека сторил сè што можел, не можам, а да не кажам дека ништо не сторил во овие пет години. Дури ни оние скромни уставни надлежности не ги искористил. Не дека не можел да прочита во Уставот што треба да прави туку оние кои се над него, оние кои ги слуша, му велеле дека не треба сам да одлучува. ,Ти следи не нас, ние ќе си работиме по старо и така ќе си владееме со Македонија како да е пашалак’. Мора да си заминат заради ова!, рече Силјановска-Давкова.
– Каде беше господинот Пендаровски? Каде беше да стави не знам колку вета на катастрофално лошите закони? Згора, замислете, носите закони во интерес на поединци, во интерес на групи, а се повикувате на европско право? И уште се именувате како Европјани. Ма, какви Европјани се тие?!? Тие не се ни западнобалканци. Тие .не се политичари! Тие се погрешни луѓе на погрешни места, погрешни луѓе на Вашите места. Луѓе кои не се избрани за таму, луѓе кои станале министри и пратеници, но не на правен начин туку со политички пазари. Затоа нема невин меѓу нив, поеднакво се одговорни и сите треба да си заминат затоа што наместо за доброто на граѓаните на Македонија, тие си градеа кули, но тоа се кули од пепел, вавилонски кули. Тоа ќе се види на 24 април кога ќе им се урне првата кула, а потоа на 8 мај и втората и кога ќе мора да си заминат, рече Силјановска-Давкова.
– Најважниот предизвик за сите нас е што? Беспоштедната битка со корупцијата и криминалот! Тие се најкорумпираните и криминализираните. Тие се татковците и мајките на корупцијата и криминалот. А, со корупција и криминал не се оди никаде, ни во место не се стои, се пропаѓа, а не ќе оделе тие кон Европската Унија. Запомнете – најстрашна власт е власт во заминување. Затоа прават симулации на некоја парадржава, квазидржава, институции што се нивни. Претпоставувам дека сакаат да предизвикаат национализам, а можеби и се закануваат по безбедноста. Но, мислам дека е крај за тоа. Мислам дека тоа нема да го одобри ниту еден граѓанин на Македонија без оглед на било каква припадност, рече Силјановска-Давкова.
– Луѓето сфатија дека ова се импотентни политичари, дека ова се политичари кои не водат политики, дека ова се политичари кои не се сакаат себеси, се плашат не само од Вас, се плашат од себе, од своите сенки. Затоа сега трчаат по Македонија, во битка по имунитет, мислејќи дека ќе се скријат во парламентот и така ќе бидат заштитени. Не, ништо нема да ги заштити! Ништо нема да ги заштити. Јас сум убедена дека хармонијата, синергијата, на двете глави на извршната власт, претседателската и онаа на владата, заедно со цврстото мнозинство во парламентот, што нема да значи триумфално управување, туку гаранција за спроведување на програмата, е правиот пат за Македонија како горда држава и како твоја држава. Одлуката е во Вашите раце и свесни сте за моментот кој што не смееме да го пропуштиме ако сакаме да живееме во пристојно место, каква што е Македонија, рече Силјановска-Давкова.