Премиерот на техничката влада на Бугарија, Димитар Главчев, разговарал со Христијан Мицкоски за време на самитот ЕУ- Западен Балкан во Брисел.
„Разговараме на секој форум на кој се среќаваме и јас му реков: Ајде малку да ја намалиме острината, говорот на омраза не треба да продолжи, да почнеме со него“, соопшти Главчев за средбата, пренесе БНР.бг.
Главчев му кажал на Мицкоски дека нема да има промена во бугарскиот став.
„Нема промена во нашиот став. Но, да почнеме со добрите европски манири и добриот тон што треба да се применува меѓу земја членка и земја кандидат“, рекол Главчев.
Тој повтори дека постои компромис потпишан уште во 2022 година и дека позицијата на Бугарија по ова прашање е непроменета.
Главчев и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, претходно деновиве разговарале телефонски, пришто Главчев за време на разговорот за Македонија рекол дека со неевропско однесување не може да се постигнат европски резултати. Бугарскиот премиер истакнал дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија, под услов да се почитуваат договорите од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и спроведувањето на клучните реформи поврзани со владеењето на правото и добрососедските односи.
Димитар Главчев бил категоричен дека во бугарското општество има целосно едногласност на оваа тема и дека ниту еден бугарски премиер, без разлика дали е привремен или редовен, нема да поддржи став поинаков од оној што официјално го усвои Народното собрание. Премиерот Главчев изјавил и дека Бугарија останува посветена на европската перспектива на регионот, но неопходно е да се надминат разликите преку конструктивен дијалог и меѓусебно почитување, пренесуваат медиумите во Софија.