Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денес се обрати на меѓународниот ,,Самит на зелена мобилност”, во Сараево, каде учество земаат високи делегации од ЕУ, Западен Балкан и други земји набљудувачи.
Учесниците на овој самит, со кои градоначалникот Ѓорѓиевски имаше бројни билатерални средби, разменуваат знаења и искуства со цел промовирање на одржлива мобилност, односно за имплементирање на паметни и флексибилни транспортни решенија. На првата сесија, говореа и Магда Копчинска, директор на Директоратот за транспорт на ЕК, директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, албанската министерка Белинда Балуку, премиерот на кантонот Сараево Нихад Ук, министерот Един Форто и министерот Весич.
Како претседател на Асоцијацијата на единиците на локалната самоуправа–ЗЕЛС во Република Мaкедонија и како прв човек на Општина Кисела Вода, градоначалникот Ѓорѓиевски укажа дека единиците на локална самоуправа имаат клучна улога во реализирањето на концептот за зелена транзиција и тоа не само во доменот на транспортот, туку во целокупниот развој на локалната економија бидејќи 70% од релевантните политики и од законодавството за животна средина и зелена енергија на Европската Унија, усвоени и на национално ниво, подразбираат нивна реализација на локално ниво.
– Општините, како најблиска власт до граѓаните, не само што треба да ги спроведат законите, туку претходно треба да обезбедат и соодветен амбиент и да обезбедат нивна поддршка од населението –истакна во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека во Македонија, процентот на поддршката на политиките за борба против климатските промени и заштитата на животната средина е прилично висок, но сепак, во преземањето на конкретни активности за спроведување на Зелената агенда и декарбонизацијата на економијата, земјата е во почетен залет.
Истакна дека за преземање на поголеми чекори, што ќе дадат глобален придонес за зелена транзиција, потребни ни се сериозни финансиски средства, како на нашата земја, така и на земјите од Западен Балкан.
– Работиме на давање предност на велосипедите и велосипедските патеки, наспроти сообраќајниците и автомобилите; предност на зеленилото наспроти бетонизацијата; примена на обновливи извори на енергија и паметни алатки за уличното осветлување; водење грижа за енергетската ефикасност и друго. Работиме и кон подигнување на јавната свест за селекција на отпадот и значењето на циркуларната економија, како и за намалување на потрошувачката и користење на помалку природни ресурси од порано. Во доменот на можностите даваме поддршка и на локалната економија во насока на нејзина полесна зелена транзиција. Но, за зафаќање со крупни инвестиции ни недостигаат големи финансиски средства. Тука би користеле за: обезбедување на прочистителни станици за заштита на сите водни ресурси; справување со дивите депонии, односно воспоставување на одржливо управување со отпадот и изградба на стандардизирани депонии. Понатаму зголемување на капацитетите на јавниот транспорт и негова дигитализација, како и осовременување и проширување на железничкиот систем. Клучна поддршка треба да им дадеме и нашите земјоделци за примена на климатски –паметно земјоделство со пренасочување на земјоделските субвенции кон еколошко обработување на земјата. Потребно е да преземеме активности за да го подготвиме образовниот систем за обезбедување на нови занимања кои ќе даваат поддршка на зелената транзиција-истакна претседателот на ЗЕЛС, додавајќи дека има верба дека позитивните промени ќе се случат.
-Ние остануваме оптимисти. Ја прифаќаме потребата за промени и интензивно работиме и ќе работиме и во иднина на заштитата на животната средина и спречувањето на климатските промени во насока на обезбедување на општа благосостојба во светот-заокружи претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на меѓународниот самит во Сараево.