Евроамбасадорот Дејвид Гир призна дека згрешил кога во декември се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
„Понекогаш луѓето грешат. Јас направив грешка затоа што средбата се одржа во просториите на Министерството за политички систем, тоа се институции во кои треба да се одржат состаноци кои ја засегаат само Владата. Ја признавам грешката“, рече Гир.
Прашан за случувањата во Алијансата за Албанците, Гир не сакаше да коментира прашања кои се поврзани со внатрешна политика.
Евроамбасадорот оцени и дека загрижува слабата имплементација на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Тој потенцираше дека сите препораки на ДКСК како и на Државниот ревизор не се тајни, туку се јавно достапни и граѓаните очекуваат истите да бидат доследно имплементирани.