Гаши од Истанбул: НАТО мора да остане силен, агилен и подготвен за брза реакција


gashi-istanbul_1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати на Парламентарниот Самит на Парламентарното Собрание на НАТО (ПС на НАТО), што на 28 и 29 јуни 2026г. се одржува во Истанбул, Турција. Во делегацијата што ја предводи претседателот Гаши, се и пратеникот Драган Ковачки, шеф на Делегацијата на Собранието на РСМ во ПС на НАТО, како и Ибуш Јусуфи, заменик генерален секретар на Собранието.


Парламентарниот Самит на ПС на НАТО, на кој учествуваат претседатели на парламенти на земји членки на НАТО, како и шефови на парламентарните делегации во ПС на НАТО, се одржува во пресрет на Самитот на НАТО, што наредната недела ќе се одржи во Анкара, Турција.

Воведно обраќање на Самитот имаше претседателот на Големото Народно Собрание на Турција, Нуман Куртулмуш, кој е и домаќин на Самитот на ПС на НАТО. Тој истакна дека се соочуваме со еден од најранливите периоди од безбедносен аспект, но потенцираше дека НАТО сојузниците остро ќе се спротивстават на агресорите и дека ќе го бранат секој метар од територијата на сојузниците. Претседателот Куртулмуш, во своето обраќање, ја реафирмираше поддршката на Украина, се осврна на состојбите на Блискиот Исток и го нагласи значењето на парламентите на земјите членки во јакнењето на НАТО.

Пред присутните се обрати и претседателот на ПС на НАТО, Маркос Перестрело, кој изрази благодарност за ангажманот на Турција во ПС на НАТО и за одличната организација на Самитот. Тој потенцираше дека НАТО гради посилна и поотпорна Европа како основа за посилно трансатланско сојузништво. Воедно, изрази убедување дека НАТО сојузниците на Самитот во Анкара ќе демонстрираат подготвеност да ги реализираат обврските и заложбите што ги имаат преземени за посилно НАТО.

Свое обраќање имаше и заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, која оцени дека безбедносните закани и инциденти кои изминатиов период беа успешно превенирани се доказ дека НАТО е силен и ја брани сопствената територија. Затоа, додаде таа, мора да се осигураме дека НАТО одбраната ќе остане силна. Таа изрази очекување на Самитот на НАТО во Анкара, Турција, сите сојузници да дојдат со реални планови за исполнување на обврската за пет проценти од БДП да бидат инвестирани во одбраната.

Претседателот Гаши во своето обраќање истакна дека во денешниот свет, обележан со неизвесност, дезинформации и геополитички турбуленции, улогата на парламентите е поважна од кога било. Тој потенцираше дека Самитот во Анкара мора да испрати силна политичка порака: НАТО е обединет, трансатлантската врска останува силна, а членот 5 и понатаму е темелот на нашата колективна безбедност.

„Светот брзо се менува. Затоа НАТО мора да остане не само силен, туку и агилен и подготвен за брза реакција, со стратешка визија и процеси на спроведување кои ќе одговараат на темпото и сложеноста на заканите со кои се соочуваме “, истакна претседателот Гаши и додаде дека Северна Македонија е сојузничка членка на НАТО, лоцирана во стратешки чувствителен регион и затоа е од суштинско значење да продолжат инвестициите во Западен Балкан преку понатамошно проширување, продлабочување на партнерствата и зајакнување на иницијативите за безбедносна соработка.

Претседателот нагласи дека Северна Македонија продолжува да ја поддржува Украина, но додаде дека и случувањата на Блискиот Исток имаат значајни последици врз меѓународниот мир и безбедност, енергетските пазари и хуманитарните услови и затоа мора да продолжат дипломатските напори за деескалација и промовирање на дијалогот.

Во своите обраќања, претседателите на парламентите и претставниците на парламентите на НАТО сојузниците ја реафирмираа нивната поддршка кон Украина.

На свечениот ручек се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој истакна дека одржувањето на овој Самит на ПС на НАТО, особено во овие тешки безбедносни времиња, е симбол на соработката и сојузништвото.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK