Претседателот на Собранието Африм Гаши му посака добредојде и успешна работа во Скопје на новоименуваниот амбасадор на Албанија во земјава Денион Меидани.
На денешната средба во Собранието, Гаши и Меидани ги истакнаа добрососедските односи и значајната соработка меѓу Северна Македонија и Република Албанија во повеќе области, заложувајќи се за нивно понатамошно надградување.
Соговорниците разговараа и за можноста за иницирање договор за добрососедство, како круна на тридецениските дипломатски односи меѓу двете земји и како основа за јакнење на пријателството и соработката во иднина.
Се разговараше и за засилување на парламентарната соработка, во контекст на скорешната посета на Скопје на претседателката на законодавниот дом на Албанија.
На средбата, беше истакната и важноста на регионалната соработка, како и заедничкиот интерес на Северна Македонија и на Албанија за забрзување на
процесите за членство во Европската Унија.
Претседателот Гаши и амбасадорот Меидани разменија мислења и за значењето на Коридорот 8, во контекст на потребата од подинамична економска соработка и
зголемување на трговијата и со цел поголема инфраструктурна и енергетска поврзаност меѓу двете земји.