Претседателот на Собранието Африм Гаши денес оствари средба со Амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. Сирил Бомгартнер. На средбата присуствуваше и Жаклина Поп- Ангелова, Шеф на Кабинетот на Амбасадорот.
Посакувајќи му топло добредојде на Амбасадорот, Претседателот Гаши недвојбено ги потврди одличните билатерални односи меѓу двете држави и двата парламента, истовремено заблагодарувајќи се за француската поддршка на сите нивоа на власт за членството во НАТО и на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија. Ја поздрави досегашната активна заложба за унапредување на односите од страна на француските сенатори и пратеници, особено пратениците Лилиана Танги и Бертран Сор, нивната недвосмислена поддршка за нашиот процес на евроинтеграции. Како прв приоритет во неговиот мандат, го издвои членството во Европската Унија и напорите кои ќе ги вложи за што поскоро остварување на оваа наша стратешка цел и определба на мнозинството наши граѓани.
Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за Претседател на Собранието во име на француските власти и во негово лично име, ја пренесе целокупната поддршка на Француската Република во извршувањето на неговата функција како Претседател на Собранието. Беше согласен за позитивниот тренд на динамична парламентарна соработка меѓу пратениците од Собранието на Република Северна Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република, особено меѓу групите за соработка и во рамките на Секциите во Парламентарното собрание на Франкофонијата. Амбасадорот ја искористи приликата уште еднаш да го поздрави одржувањето на втората едукативна активност во Собранието “Имам став- Млад франкофонски парламент”, во рамките на одбележувањето на месецот март – месец на Франкофонијата, кој им дава можност на учениците франкофони од средните училипшта на еден ден да бидат пратеници и да одлучуваат за значајни теми кои ги засегаат младите. Во однос на евроинтеграциите, Амбасадорот Бомгартнер ја истакна важноста од градењето на над-партиски консензус за прашањата поврзани со членството во Европската Унија, особено за донесувањето на законодавство кое налага обезбедување на дво-третинско мнозинство во Собранието, како клучен чекор во овј процес.
Двајцата соговорници разменија мислења за претстојните собраниски активности во актуелниот парламентарен состав и за случувањата во Француската Република во одржувањето на европските избори. Беше заклучено дека е потребно што поскоро основање на групите за пријателство во двата парламента по завршувањето на изборите и продолжување на интензивната парламентарната соработка во периодот што следи.