Фрчат решенија за прекин на социјалната помош за оние што зеле пари од државата, а имале возила на свое име

социјална-помош.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По обвинувањето дека милионски суми социјална помош биле незаконски поделени на корисници што не ги исполнувале условите, центрите за социјални работи во земјата забрзано подготвуваат решенија за прекин на помошта. Откога и самите ги вкрстиле податоците со базата на податоци од МВР, која од почетокот на февруари им е на располагање, почнале да откриваат корисници што имаат возила на свое име, а зеле социјална помош. Извори од центрите за „Макфакс“ велат дека решенијата за прекин на помошта веќе се подготвуваат, па следната недела без помош од државата ќе останат многумина корисници. Центрите за социјални работи прават пресметки за социјалната помош за март, но бројката на корисници ќе се намали оти досегашните грешки ќе бидат исправени почнувајќи со оваа исплата.


Од Министерството за труд велат дека официјална бројка на корисници на социјална помош ќе има на почетокот на следниот месец.

„До 5 април треба да се направи исплатата на парите од социјални прва на корисниците. Тогаш ќе имаме точна бројка колкумина корисници го изгубиле правото со вкрстувањето на базите. Постапката сè уште трае“, велат од Министерството за труд за „Макфакс“.

Министерството за јануари годинава исплатило 35.386 корисници на социјална помош и социјална пензија, што ја чини државата околу 4,8 милиони евра.

За милионската злоупотреба на државни пари, со кои незаконски се исплаќале корисници што не ги исполнувале условите за социјална помош, обвини техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски. На негова иницијатива во сите центри за социјална работа треба да се направат вонредни инспекциски надзори и рачно да се провери секое поединечно барање за социјална помош. Истрагата, која ќе трае повеќе од два месеца, треба да утврди и чија е одговорноста за злоупотребите.

Корисниците на социјална помош, кои зеле пари од државата, а имале возила на свое име, со решенијата за стопирање на правото ќе добијат и налог да ги вратат парите.

Минатата недела неколкумина директори на центри за социјална работа побараа извинување од техничкиот министер за труд и социјала оти со обвинувањето за милионски злоупотреби го нарушил интегритетот на вработените во центрите. Техничкиот министер Велковски не се извини како што бараа директорите, туку ги обвини за оркестриран напад врз него оти сите испратија идентична реакција на обвинувањето за криминал.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK