Страшното невреме, проследено со силен ветер со оркански удари, остави тешки последици низ градот, но и во срцето на Скопје, во Градскиот парк. Паднаа голем број дрвја, а беше оштетена и урбаната опрема.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека по вчерашната голема акција за расчистување, денес почнува садењето на 60 нови садници јавор и јасен.
„Тие ќе донесат повеќе сенка, почист воздух и нов живот во зелената структура на паркот. И ова е само почеток Градскиот парк ќе го оплемениме со уште повеќе дрвја, зеленило и нови содржини. На местото на секое паднато дрво ќе никне нова надеж, а паркот повторно ќе биде уште позелен, поубав и подостоен за скопјани.
Паралелно, нашите екипи продолжуваат со санирање на штетите низ целиот град. Невремето може да собори дрвја, но не може да ја собори нашата волја, Скопје да е посилно и позелено од порано“, вели Ѓорѓиевски.