Формирање комисија за да одредува кој, каде и кога ќе се оперира, ќе нè врати 20 години назад, сметаат од Здружението „Здрава иднина“


f72ecce1-30d4-1d62-b718-92c4bc6fa07d.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Како кардиоваскуларни пациенти и директно засегнати од квалитетот, достапноста и навременоста на кардиоваскуларните услуги во државата, јавно предупредуваме дека последните најави за формирање комисија или стручно тело кое ќе одредува кој, каде и кога ќе се оперира, претставуваат сериозен чекор назад во заштитата на правата на пациентите, сметаат од „Здрава иднина“, Здружение за превенција од кардиоваскуларни заболувања.


Според нив, ваквиот пристап е спротивен на духот и одредбите на Европската повелба за правата на пациентите, особено на правото на пристап, правото на информираност, правото на согласност, правото на слободен избор, правото на почитување на времето на пациентот, правото на квалитетна и сигурна здравствена услуга и правото на персонализиран третман. Овие права, велат од Здружението, не смеат да бидат ограничени со административни одлуки донесени зад затворени врати.

„Нашето искуство покажува дека ваков модел не е решение. Слична комисија постоеше пред дваесетина години и беше извор на субјективни, нетранспарентни и коруптивни одлуки од личен интерес. Наместо да го заштити пациентот, таа го ставаше неговото здравје под ризик. Многу пациенти не ја дочекаа потребната согласност за операција, а одложувањето честопати имаше фатален исход“, велат од „Здрава иднина“.

Од таму велат дека сметаат дека ваква комисија нема да функционира, затоа што ќе создаде дополнителна административна бариера во ситуации кога е потребна брза медицинска одлука; ќе го ограничи правото на пациентот да избере лекар, клиника и установа во која има доверба; ќе ја намали одговорноста на конкретниот лекарски тим и ќе ја префрли одлуката на тело кое не ја носи директната клиничка одговорност; ќе отвори простор за субјективни, политички, институционални или лични влијанија врз одлуките; ќе ги казни и успешните установи кои со години покажуваат резултати, наместо системот да ги користи нивните капацитети за доброто на пациентите и ќе ја врати практиката на чекање, неизвесност и молење за потпис, наместо системот да обезбеди навремена, квалитетна и достапна услуга.

„Денес состојбата во кардиоваскуларното здравство е значително поинаква од минатото. Зголемениот квалитет и квантитет на кардиоваскуларни операции во Македонија ги намали листите на чекање, ја намали потребата пациентите да заминуваат во странство, овозможи второ и трето мислење во државни и приватни установи по избор на пациентот и го подобри пристапот до навремено лекување“, велат од Здружението.

Тие бараат Министерството за здравство да воспостави транспарентен систем на стручна контрола, јавно достапни критериуми, отчетност за секој конкретен пропуст и механизми што ќе го заштитат пациентот без да му го одземат правото на избор.

„Пациентот не смее да биде заложник на системот. Пациентот мора да биде во центарот на системот. Во име на кардиоваскуларните пациенти, апелираме да не се носат решенија кои ќе го вратат здравството дваесет години назад. Комисија која ќе одлучува кој, каде и кога ќе се оперира не е гаранција за квалитет, туку ризик за одложување, неправда и загрозување на човечки животи. За животот на пациентот не смее да одлучува бирократска комисија. Одлуката мора да се темели на медицината, стручноста, довербата, информираната согласност и правото на слободен избор“, велат од „Здрава иднина“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK