Вработените во Фондот за здравствено осигурување од денес се враќаат на работа по синоќешната препорака на Владата платата да не им се намали, но штрајкот не го прекинуваат туку го ставаат во мирување. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ , Трпе Деаноски, објасни дека штрајкот е во мирување бидејќи одлуката да се задржат декемвриските плати, не важи до крајот на годината туку до крајот на мај.
„Штрајкот е во мирување, не е во прекин. Да беше одлуката на Управниот одбор до 31.12. 2024 штрајкот ќе го прекиневме. Тоа мора да биде на овој начин направено бидејќи ќе чекаат да се завршат изборите па да има ребаланс на буџетот. Со ребаланс на буџетот и во државата и во Фондот за здравство, ќе се донесе нова вредност на бодот, која ние ќе инсистираме да биде исто како што е сега, 77,16 денари вредност за еден бод. Штрајкот е во мирување, може да се активира во кое било време доколку се донесе одлука за помала вредност на бодот. Не би сакал да верувам дека ќе дојде до тоа. Очекуваме да не дојде, но нашиот народ, како велиме, ‘дува и на матеница’ така да ќе бидеме спремни да продолжи штрајкот ако дојде до несакана одлука“, рече претседателот на Синдикатот Деаноски и нагласи дека жали што вработените морале да штрајкуваат за да ги задржат платите на нивото од декември.
Сите заостанати работи во Фондот за здравствено осигурување поради тридневниот штрајк, веќе се работат и ќе бидат завршени во најкус можен рок, увери Синдикатот. Претседателот на Синдикатот на Фондот за здравствено осигурување, Бранко Аџигогов, кој во понеделникот јавно ја искритикува Владата за препораката од почетокот на годинава да им се намалат платите, денес јавно го пофали техничкиот премиер.
„Јавно го пофалувам техничкиот премиер, оваа одлука беше најразумната што можеше да се донесе“, рече претседателот на Синдикатот на Фондот, Аџигогов.
Тој извести дека сите сектори се веќе на работа, се работи и на платите во јавното здравство чија исплата беше доведена во прашање поради штрајкот на вработените во Фондот.
Директорката на Фондот за здравствено осигурување, Магдалена Филиповска-Грашковска која денес првпат излезе во јавност откако минатата недела беше најавен штрајкот, рече дека по одлуката да не се намалуваат платите, очекува вработените во Фондот да вложат максимални напори за подобрување на услугите кон осигурениците.