Лидерите на Европскиот сојуз за промени, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити ја напуштиле лидерската средба која беше свикана денеска а во фокусот се актуелни политички прашања од значење за претстојните редовни претседателски и парламентарни избори, како и од важност за европските перспективи за државата.
На состанокот опозицискиот албански блок ги изнел своите ставови пред присутните, но како што информираше Изет Меџити кога стасале до точката за член на ДИК собранискиот спикер ја напуштил средбата па и тие оцениле дека треба да заминат бидејќи како што рече Меџити немало со кого да ги соочат аргументите.
14 и 28 април се посочуваат како датуми од овој опозициски сојуз за изборниот процес.
„14 и 28 април, значи на 28 да биде вториот круг на престедателски и парламанетарни избори, заедно за да се запазат роковите да не влеземе во ситуација каде што утре, задутре може некој да ги оспори изборите. Во однос на техничката влада нашиот став е дека треба да има, но овој пат министрите треба да бидат од редовите на албанската опозиција, за еднаш, засекогаш да се отстрани режимот и да има услови за фер и демократски избори. Во однос на членот на ДИК цениме дека Џафери ова го одологовлекува и гледаме интенција да не се избере член“, истакна Меџити.
Упатуваат апел до Џафери да прекине со неговата пракса, оти како што велат, тоа ќе го оценат како обид за фалсификат на наредните парламентарни избори.
„Цениме дека збориме за наредните избори, збориме за европски вредности, а ако на првиот чекор има вакво сопнување, ова ни кажува дека веќе спремаат сценарио за фалсификување на изборите“, рече Меџити.
Тој изрази и сочувство до семејството на трагично загинатата Вања Ѓорчевска, и во врска со овој случај ценат дека владата споро делувала.