Европскиот фронт смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со Бехтел и Енка.
„Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот Бехтел и Енка“, велат од Европскиот фронт, предводен од ДУИ.
Оценуваат дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и, како што велат, најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропската Влада го реализираше.
Договорот со Бехтел и Енка, како што се додава, е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ја оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација и го носи на државата.
„Јавно прашуваме, дали е ист ставот против Коридорот 8 и на албанската опозиција “Вреди”, губитниците на парламентарните и претседателските избори?! Досега во овие неколку дена не нарекоа “македонски албанци“, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната Влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“, велат од Европскиот фронт.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера најави дека ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски.
Во март, минатата година, потпишан беше договорот за изградба на коридорите 9 и 10-д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години.
Коридорот 8 предвидено е да се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10-д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.