Најпогодена држава од загадувањето на воздухот е Северна Македонија, а по неа следи Србија, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух.
Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.
Институтот за јавно здравје лани објави извештај според кој речиси 18% од вкупната смртност во Македонија може да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Претходно УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загаден воздух.