Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „ЕУ за македонската економија“, направи споредба на економиите на дравите пред нивното пристапување во ЕУ и откако станале држави членки, велејќи дека Европската Унија покрај тоа што е мировен и политички проект, таа е и економско чудо.
– Економските показатели на Хрватска покажаа дека изминатата година по нивното влегување во Евро и Шенген зоната, 15 милијарди евра приход од нивната клучна економска гранка, туризмот. Ако ги прашате Бугарите и Романците што најмногу придонесе ЕУ за вашиот развој, ќе ви одговорат: Ни ги изгради патиштата, ни ја изгради инфраструктурата ни даде надеж во подобра иднина, рече вицепремиерот Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека основното прашање на оваа кампања е каде сакаме да припаѓаме, прашувајќи дали сакаме да припаѓаме во најголемиот мировен, политички и економски проект или сакаме да веруваме во алтернативни приказни во коишто многу малку луѓе веруваат и од кој никој нема видено придобивки.
– Ако сега користиме 1 милијарда евра преку ИПА проектите за 15 години, кога ќе бидеме држава членка на ЕУ ќе користиме од структурните и кохезионите фондови 1 милијарда годишно, тоа е огромна разлика. За изминатите 15 години ние имаме 1 милијарда, а Хрватска откако е членка за 10 години има искористено 25 милијарди евра. Затоа е возможно да се денес во еврозоната, затоа е возможно да се денес во Шенген зоната, затоа нашите млади луѓе денес одат да работат во Хрватска, укажа Маричиќ.
Маричиќ рече дека ЕУ и до сега ни помогна многу.
„Европската дипломатија и ангажман заедно со сите друго стратешки партнери повеќе пати и помогна државата да излезе од криза, но исто така финансиската помош којашто последните 15 години изнесува над 1 милијарда суштински придонесоа во повеќе аспекти од нашиот живот. Коридорот 10 голем број структурни проекти, железнички станици, канализации и водовод, инфраструктура, земјоделие, образование“, рече Маричиќ.
Ова е прва трибина од кампањата на Секретаријатот за европски прашања „Ние сме Европа“, а следната ќе биде овој петок, во општина Струмица.