Во текот на 2023-та година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготви вкупно 596 едукативно-информативни записници коишто им беа врачени на граѓаните и на правните субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад во реонот на сите скопски општини.
„Во рамките на изминатите дванаесет месеци, Еко-патролата реализираше секојдневни дежурства на дваесетина локации каде што е забележано континуирано непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини“, велат од Комунална.
Беше спроведен зачестен патролен надзор на целокупната територија на скопските општини Ѓорче Петров и Аеродром, на улицата Народен фронт во општината Центар, улицата Војвода Васил Чакаларов во скопската општина Карпош, како и на булеварот Македонско-косовска бригада и улиците Џон Кенеди, Втора македонска бригада, Максут Садик – спроти Амбасадата на САД, Јуриј Гагарин и Славеј Планина – во непосредна близина на скопското Теќе, во скопската општина Чаир.