Џафери за штрајкот на универзитетите: За 14 дена и марсовец да сте не може да постигнете да потпишете соодветни акти

talat-univerziteti.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Како претседател на Собранието, Талат Џафери, немал време да ја почне постапката за потпишување колективен договор со петте државни универзитети оти партиските тела веќе го известиле дека ќе биде премиер, а и неговиот наследник, новиот претседател, Јован Митрески имал рок од само 14 дена во кои не било возможно да ја заврши постапката. Техничкиот премиер Талат Џафери денес од Влада на посебна прес-конференција објаснуваше за неговите постапки како претседател на Собранието. Кажа дека  постапката е прекината поради распишувањето на изборите и ќе продолжи кога ќе завршат.


„Имајте предвид дека на 8 декември поради фактот што претходно на ниво на лидери се закажаа изборите за 24 април и 8 мај, партиските органи го именуваа Талат Џафери за премиер кој 100 дена ќе ја води Владата пред изборите. Затоа немаше можност претседателот на Собранието, номиниран за премиер, да успее да ги заврши формалните процедури на потпишување на договори. Немаше смисла за 30 дена да се овласти претседателот на Собранието и да дојде следниот претседател. На 28 јануари се прави промената на функцијата претседател на Собрание со претседател на Влада. На 28 јануари има нова влада, нов претседател на Собрание. Од 28 јануари  до 14 февруари, кога се прогласија изборите, има 14 дена. За 14 дена марсовец да сте не може да постигнете да потпишете соодветни акти“, рече Џафери.

Тој смета дека се крева непотребна фама околу потпишувањето на колективните договори со петте универзитети оти навремено ги известил за сите постапки. Имал средба со претставници на универзитетите на 12 јануари, непосредно пред да премине на функцијата премиер па сегашните штрајкови ги смета за дневна политика во функција на изборите.

Џафери за себе вели дека бил иницијатор да се потпишат колективни договори и со останатите државни универзитети. По потпишувањето на договорот со УКИМ тој ги известил, ги повикал на разговори, а тие до декември минатата година ја стокмиле документацијата. Џафери очекува колективните договори со нив да се потпишат за покусо време во поредба со УКИМ, кои договорот го потпишаа две години по иницирањето, односно во декември 2022 година, но не можеше да се примени оти буџетот за 2023 година веќе беше изгласан, па затоа примената почна од оваа година.

„Имајќи го предвид искуството, оние слабости што ги имаше барањето на УКИМ веќе се надминати, затоа што имаа сите примерок од содржината како треба да изгледа целината на договорот. Го имаа од УКИМ како пример, им го дадов уште кога беа кај мене. Полесно и побрзо ќе може да се заврши процедурата. Нема друго решение. Не се дискриминирани. Да не кажам друго, не сработија навреме. Немаа синдикати. Беа членови на општи синдикати. Го виделе примерот на УКИМ, можноста да имаат самостоен  синдикат, како  се дискриминирани? Зошто не формираа навреме синдикати,  како што правеа откако им кажав?!“, рече Џафери.

Синдикатите на петте државни универзитети, односно „Мајка Тереза“ од Скопје, „Св. Климент Охридски“ од Битола, „Св. Апостол Павле“ од Охрид, тетовскиот универзитет и „Гоце Делчев“ од Штип излегоа на штрајк пред влезовите на универзитетите да го искажат револтот поради непотпишаниот колективен договор кој ќе им ги зголеми платите на вработените.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK