Претседателот на Собранието, Талат Џафери оствари средба со министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, којa е на работна посета во земјава.
На самиот почеток, тој изрази особено задоволство од оваа можност за средба со претставник на Романија, држава со која континуирано градиме пријателски билатерални односи. Џафери истакна дека севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Романија се карактеризираат со висок степен на пријателство, со конструктивен и отворен политички дијалог заснован врз партнерски однос и заемно почитување. Во однос на процесот на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, тој информираше дека е во тек завршувањето на фазата на скрининг и дека е започната парламентарна постапка за менување на Уставот на земјата за што е потребно да се обезбеди двотретинско мнозинство за гласање.
Министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, се заблагодари на гостопримството и потврди дека Романија го поддржува европскиот пат на Република Северна Македонија, но важно е да се направат и потребните реформи. Појасни дека реформите биле предизвик и во повеќето земји членки на Унијата, вклучително и за Романија. Укажа на важноста за продолжување на билатералната соработка на двете земји со ист интензитет и за продлабочување на соработката од економски аспект. Министерката Одобеску стави акцент на взаемното подржувањето на земјите од Источен и Западен Балкан во однос на проширувањето а се осврна и на последните безбедносни случувања во светот како што е војната во Украина и ситуацијата во појасот Газа.
Двајцата соговорници се согласија дека интензивирањето на парламентарната соработка со фокус на соработката во однос на европските прашања е многу важна.