На денешната средба со претседателот на Комисијата за европски прашања од данскиот Парламент, Нилс Флеминг Хансен, како и со членовите на делегацијата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ги нагласи досегашните добри и пријателски односи меѓу двете земји и ја истакна потребата од интензивирање на взаемната политичка комуникација на секое ниво. Тој се заблагодари на досегашната принципиелна поддршка од страна на Кралството Данска на нашиот пат на евроинтеграција и членство во НАТО.
Го потенцираше и фактот дека данскиот парламент беше еден од првите парламенти меѓу членките на Европската унија што во 2002 година го ратификуваше Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Исто така, и еден од првите парламенти што го ратификуваше Протоколот за пристапување во НАТО на Република Северна Македонија.
Џафери ја нагласи и важноста во овој момент да се пристапи кон измените на Уставот, со цел да се започнат преговорите со ЕУ при што потенцираше „ова е моментум кога треба сите политички партии во Собранието да ја согледаат важноста да се дојде до едно решение кое ќе не придвижи напред кон ЕУ.“
Претседателот на Комисијата за европски прашања од данскиот парламент, Нилс Флеминг Хансен, се заблагодари во име на делегацијата за можноста за средба со претседателот Џафери при што ја истакна важноста на овие средби за понатамошната соработка и интензивирање на соработката меѓу двете земји на секој план.
Во дискусија се вклучија и преостанатите членови на делегацијата, при што во фокусот на нивниот интерес беше нашиот евроинтеграциски пат, ситуацијата со уставните измени, а изразија интерес и за интензитетот на јавната поддршка која постои во нашата земја во однос на прашањето за интеграција во ЕУ.
На крај на средбата беше изразена поддршката за Република Северна Македонија и спремноста да помогнат колку што можат во нашите аспирации околу започнување на пристапните преговори со ЕУ.