Во текот на вчерашниот ден, ДСЗИ излезе на терен. Сите инспектори на територијата на град Скопје, започнаа со вонредни инспекциски надзори согласно одлуката добиена од министерот за здравство. Издадени се решенија во сите градинки на територија на град Скопје со забрана за прием на невакцинирани деца со дитепер или нецелосно вакцинирани деца со дитепер, согласно одлуката од министерот, извести директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска.
Според првичните информации на ДСЗИ скоро 50 проценти од децата кои посетуваат градинки на територијата на град Скопје се невакцинирани или се нецелосно вакцинирани со дитепер.
„Поразителен факт за ова општество. Одговорните лица на градинките ни ги доставија списоците на невакцинирани и вакцинирани деца, од таму ни се извлечени и бројките. Оваа акција треба да продолжи во текот на денешниот ден и во текот на наредните денови. Директорите на градинките ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат мерката, а ние ќе провериме во деновите што следуваат“, рече Младеновска.
Како што одговори директорката на ДСЗИ, тие немаат издадено мерка дека по вакцинирањето, детето треба да седи дома 20 дена.
„Апсолутно е неточно дека треба да седи дома 21 ден по вакцина. Немаме издадено таква мерка ниту ние, ниту министерот за здравство, ниту Комисијата за заразни болести. Во текот на вчерашниот ден започнавме да вршиме вонредни инспекциски надзори во градинките во внатрешноста на државата. Во другите градови имаме покриеност со имунизација на дитепер кај деца во предучилишна возраст во скоро над 95 проценти. Во другите градови родителите се одговорни, ја почитуваат обврската за вакцинирање согласно календарот за имунизација, очигледно проблемот е во Скопје“, рече директорката на ДСЗИ Рената Младеновска.
За ситуации кога вакцинацијата е закажана за некој нареден месец, ДСЗИ постапува по донесената препорака на Комисијата и одлуката на министерот за здравство, ДСЗИ нема да прави исклучок, затоа што како што вели, тие се само извршители во оваа ситуација.
„Ако Комисијата препорача поинаку и министерот наложи да постапуваме поинаку, нема проблем, се до тој момент ќе постапуваме како и досега“, додаде таа.
Младеновска најави дека во текот на оваа недела ќе има информации дали се примаат невакцинирани деца во градинките и соодветно ДСЗИ ќе се изрече глоба и за правното лице и за одговорното лице.
Приватните градинки се контролирани подеднакво како и државните додаде таа.