Главниот државен ревизор Максим Ацевски и заменик главниот државен ревизор Орхан Адеми, денеска во просториите на Државниот завод за ревизија остварија работна средба со јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и јавниот обвинител – раководител на Одделението во ЈОРСМ за соработка со други институции Башким Бесими.
Работната средба, како што е наведено во соопштението од ЈОРСМ, била иницирана од страна на главниот државен ревизор, а во врска со најавите на Јавното обвинителство на РСМ за активирање на Национален фронт за борба против корупција со цел интензивирање и зајакнување на соработката помеѓу надлежните институции во државата во превенцијата и борбата против корупцијата.
Притоа, Јовески појаснил дека идејата на обвинителството не е да се создаваат паралелни институции со постоечките, туку да се подобри меѓуинституционалната координација и размена на информации во функција на борбата против корупцијата.
-Исклучително ја цениме самостојноста на Државниот завод за ревизија, а ревизорските извештаи претставуваат солидна и корисна основа за нашите постапки, истакнал Јовески.
Тој најавил дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ќе изготви задолжително упатство со насоки до јавните обвинители за начинот за постапување по ревизорските извештаи. Исто така, го поттикнал Државниот завод за ревизија што почесто да ја користи и можноста предвидена во членот 35 од Законот за државна ревизија, согласно која „доколку овластениот државен ревизор при ревизија оцени дека субјектот на ревизија сторил прекршок или кривично дело должен е веднаш да ги извести надлежните органи“, односно уште пред изготвувањето на конечниот извештај.
-Ова значително ќе го забрза постапувањето на Јавното обвинителство по наодите од извршените ревизии и ќе овоможи навремено прибирање на доказите за кривична постапка. На оперативно ниво, беа разгледани и други аспекти за олеснета примена на ревизорските извештаи во кривичната постапка, се наведув во соопштението.
Главниот државен ревизор потенцирал дека Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во државата во континуитет стои на располагање со својата експертиза, стручност и професионалност на сите надлежни институции во системот за превенција и борба против корупцијата.
-Двете институции се договорија во следниот период да изготват заеднички план со конретни активности кои треба да се реализираат до крајот на годината, а кои вклучуваат и следење и повратни информации за постапувањето по ревизорските извештаи, како и едукација на јавните обвинители за методологијата и пристапот на работа во изготвувањето и содржината на конечните ревизорски извештаи, се наведува во соопштението од ЈОРСМ.
Главниот државен ревизор и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се согласиле дека во изминатиот период, по потпишувањето на заедничкиот меморандум за соработка, комуникацијата помеѓу ДЗР и Јавното обвинителство е значително унапредена и подобрена, но постои можност и за дополнително зајакнување.
-Веќе преземените активности вклучуваат номинирање лица за комуникација од двете институции, како и одржување почести работни средби меѓу овластените државни ревизори и обвинителите кои постапуваат во предмети кои произлегуваат од констатираните состојби и утврдени неправилности во конечните ревизорски извештаи, се додава во соопштението од ЈОРСМ.