Музичарите Панчо и Андреј објавија дека успеале да соберат 690.000 денари за лекувањето на Леонид, откога ја ставија на лицитација статуетката што ја добија на доделувањето на наградите на „Златна Бубамара“.
Статуетката заврши кај Митрески Кирче од Охрид кој ја дал најголемата понуда во износ од 250.000 денари, но и другите понудувачи одлучиле да ги донираат парите за истата цел.
„Премногу сме благодарни, не само на него, туку и на сите вас кои учествувавте во лицитацијата, или ја споделувавте со цел да стигне до што повеќе луѓе. Во исто време, сакаме да ви соопштиме една преубава вест, и воедно да им искажеме огромна благодарност и на господата кои беа дел од лицитацијата: Filip Patrikliski (Eam T-Shirts) кој понуди 150.000 денари и Живко Коцев (90.000 денари), како и компанијата Еклектик Диспеч (200.000 денари), понуди кои иако не беа највисоки сепак решија да ги донираат за Лео“, велат Панчо и Андреј.
Додаваат дека Македонија уште еднаш покажа дека е хумана држава, и има нација со огромно срце.