Службениот автомобил на директорот на затворот „Идризово“ е седмиот изгорен автомобил на вработен во затворот во изминатава година и пол. Запалени беа автомобили на чувари, командири на одделенија, лани во април изгоре автомобилот на заменик – директорот, а утрово и на актуелниот директор Зоран Јовановски. Тој нема дилеми дека пожарот е подметнат.
„Ова се подмолни работи од кукавици. Има неколкумина во кои се сомневаме. Јавен обвинител веќе излезе на лице место, најдени се траги, а има и очевидци. Ќе најдеме начин да се справиме“, вели директорот Јовановски за „Макфакс“.
За него закани за вработените во затворот се секојдневна работа, вели дека постојано ги добиваат. Лани летото, откога беа запалени шест автомобили на вработени во затворот, директорот Јовановски побара од министерот за внатрешни работи обезбедување во домовите на оние вработени кои се на изложени места во затворот, пред се, за заштита на нивните семејства, но не го доби.
„Беше утврдено дека не е изводливо да се обезбедуваат по дома вработените кои се секојдневно изложени на закани. Нема капацитет. Има безбедносни мерки додека се на работа, но надвор од затворот не. Кога државата не се грижи за нас, се снаоѓаме кој како умее“, рече директорот Јовановски.
Тој потврди дека неговиот службен автомобил е седмиот запален автомобил на вработен во „Идризово“, но вели дека ниту еден од досегашните случаи не е расчистен.
Министерството за внатрешни работи не одговори на прашањата од „Макфакс“ за запалените автомобили на вработените во „Идризово“, ниту пак на прашањето за побараното дополнително обезбедување.
Обвинителството попладнево извести дека обезбедиле видео – снимки од околните објекти за запалениот автомобил на директорот Јовановски и работат на утврдување на причините за пожарот во кој немаше повредени но направени се оштетувања на фасадата на зградата покрај кој бил паркиран , а изгореле и предмети на балконите на пониските катови.