ДИК потврди: Османи собра над 10 илјади потписи

ДИК-потврди-Османи-собра-над-10-илјади-потписи.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Според последните податоци објавени на страната на Државната изборна комисија заклучно со вчерашниот ден, кандидатот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи собра 10.528 потписи.


Втор на листата е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 8.400 собрани потписи. Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 6.237 потписи, кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари 7.513 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 4.718 потписи.

Вело Марковски има 682 потписи, а Мерсиха Смаиловиќ има собрано 696 потписи.

Државната изборна комисија, соопшти дека се додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител поединечно и истиот редовно ќе се ажурира.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK