Раде Трајковски Штекли е повреден во пукањето во трговскиот центар Ист Гејт, дознава „Макфакс“.
Покрај него, повредено е уште едно лице, а полицијата е на местото на пукањето каде прибира докази за да ги утврди учесниците во претрелката.
МВР претходно објави дека во пукањето се повредени две лица, а типот на повредите засега не е потврден. Неофицијално, едниот од нив се здобил со потешки повреди и ќе биде опериран.
„Денеска, од трговскиот центар ‘Ист гејт’ во Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица, кои добиле повреди и се пренесени во болница за укажување помош. Полициски екипи се упатени на самото место и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Ова е вторпат, во два месеци, Штекли да биде цел. Полицијата тогаш извести дека со автоматско оружје било пукано во автомобил во кој бил Раде Трајковски-Штекли со уште еден патник, но ниту еден куршум не ги погодил.
„Ист гејт“ во август уверуваше дека трговскиот е безбеден и дека се работи за изолиран инцидент, кој не е поврзан со општата безбедност на посетителите.
Штекли претходно се поврзуваше и со убиството на фудбалерот Мартин Јанушев. Беше во бегство во Србија и беше екстрадиран во Македонија, а за него полицијата има водено неколку постапки.