Денес се одбележуваат 33 години од независна Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ денеска со повеќе активности во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста – 8 Септември.



Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје. Свеченоста ќе започне со изведба на македонската химна од страна на детски хор, по што ќе биде прикажан видео спотот „Везилка“ која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески.  Програмата ќе продолжи со изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.

Во рамките на свеченоста ќе биде прикажан и специјално подготвен пригоден видео спот од прославата на независноста кое вклучува архивски материјали од Референдумот во 1991 година.

На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Настанот, како што најавуваат од владината прес-служба, е дел од пошироката иницијатива на Владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.

По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста собраниска делегација предводена од потпретседателката Весна Бендевска, составена од пратениците Каролина Насковска и Митко Трајчулевски, денеска ќе положи венци свежо цвеќе пред вечното почивалиште на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, вечното почивалиште на поранешниот претседател на Републиката, Борис Трајковски, вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев и пред Споменикот на паднатите борци на НОБ.

Активностите стартуваа синоќа со почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје.

Низ 33-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ. На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30 членка на НАТО. Како земја кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, со добиена прва препорака за почеток на преговори во 2009 година, државава сега се соочува со блокада од Бугарија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK