Министерот за здравство, д-р Илир Демири денеска ја посети Универзитетската клиника за детска хирургија кадешто оствари средба со директорите Славица Литајковска и Елмедин Асани и изрази задоволство од реализираните инвестиции што значат унапредување на здравствената заштита на најмладите пациенти.
„Минатата година од сопствени средства на клиниката беше набавен најсовремен лапароскопски апарат во вредност над 12 милиони денари. Лапароскопскиот апарат се состои од висококвалитетен медицински монитор, мулти-специјализиран видео-процесор, камера со континуиран автофокус и флуорецентна слика. Универзитетската клиника за детска хирургија е екипирана со обучен кадар за ваков тип интервенции и досега се изведувале околу 40 лапароскопски интервенции месечно. Со набавката на овој најсовремен апарат ќе се зголеми бројот на интервенции и се очекува на годишно ниво да се извршуваат над 800“, информира Демири.
На средбата, Демири истакна дека во заедничка соработка со Министерството продолжуваат активностите за зајакнување на здравствената заштита.