Бирото за развој на образование најостро ги демантира дезинформациите во јавноста за наводно постоење и употреба на учебник којшто го користат учениците во средното образование за реализација на програмата Образование за животни вештини.
Имено, се работи за изготвен прирачник за наставници врз основа на наставна програма. Наставната програма е донесена од министерот за образование и наука, а Прирачникот е одобрен од директорот на Бирото за развој на образование и министерот за образование и наука во 2011 година.
Наставната програма не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини (и соодветно на тоа кои работни листови) ќе ги реализираат и во кој период од учебната година со цел да одговорат на потребите на адолесцентите.
Наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование).
Во програмите за средно образование (од прва до четврта година), во темата Здраво живеење има разработено содржини, цели и активности кои се однесуваат на сексуалното здравје.
Со оглед на тоа дека Прирачникот (како и работните листови) и наставната програма за образование за животни вештини се изработени пред една деценија, истите ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планира реформа на средното образование согласно нов Закон за средно образование.
Имајќи ја предвид, брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социалните мрежи повторно апелираме до граѓаните, а особено до родителите и младите да ги земат со голема доза на претпазливост и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат во врска со образованието на младите, а коишто не се официјално потврдени од надлежните институции.