За Денот на пожарникарите, 20 мај, Бригадата за противпожарна бригада на Скопје доби уште едно ветување за поголема плата и нови униформи, речиси исто како и на сите празнувања изминатите години. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на пожарникарите им вети дека ќе побара од новата влада, прво нешто што ќе го смени да бидат прописите кои ја ограничуваат платата на пожарникарите.
„ Прво нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои што може да бидат платени. Тие лимитирани средствата кои ги добиваат како надомест за нивната работа, навистина се ниски. Тоа го утврдува законот и за жал ние како локална самоуправа не можеме да одиме над тоа кое што е утврдено со законските рамки, дури ни преку колективен договор. Затоа апелот е лимитирачките услови кои ги ограничуваат нивните бодови да бидат меѓу првите нешта кои ќе бидат отстранети со нов пропис“, рече градоначалничката Арсовска.
Застаната пред пожарникарите, градоначалничката зборуваше и дека петнаесет години тие немаат нови униформи поради бирократски процедури. Очекува поништување на сегашниот правилник да биде исто така меѓу првите прописи што ќе ги смени новата влада како и одобрувањето доволно средства од буџетот за нови вработувања.
„За да може да функционира скопската Противпожарна бригада како што треба, со својот полн капацитеттреба да има минимум 450 пожарникари, а во овој момент има 180. Пречка за ова претставува одобрувањето на средтсвата и бројката од дотациите кои што доаѓаат од буџетот кои за жал во текот на овие изминати години немаше слух да биде надминато и да добиеме одобрение за пополнување на бројот од 180 до 450. Затоа повторно морам да апелирам, ова треба да биде една од првите работи кои ќе се сменат“ рече градоначалничката Арсовска на свеченоста во дворот на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје.
Откога го заврши говорот, градоначалничката им сврте грб на камерите за да ги погледне пожарникарите кои стоеја зад неа и им се обрати со зборовите: „Браво за вас, се надевам дека кога ќе ги поништат поените барем дупло ќе ви биде платата годинава“.
Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески потсети дека на денешен ден во 1836 година за првпат се појавила организирана служба за противпожарна заштита на територијата на Македонија. Со текот на годините опстојувала, се развивала, се усовршувала и во рамките на можностите одговарала на потребите на своето време. Иако малубројна и без соодветна опрема, командантот Томески рече дека Противпожарната успева да одговори на сите повици.
„Денес за жал броиме 180 пожарникари од предвидените 384. Имаме 2000 интервенции успешно релизирани интервенции од минатиот мај“, рече Томески.
Признанија и благодарници добија пожарникарите кои изминатава година се истакнале, а изборот, како што објасни градоначалничката Арсовска, го направиле самите пожарникари.